Граѓаните на Охрид генерално се сложуваат со фактот дека Охрид е скапо место за живеење посочувајќи ги ниските плати и високите цени, потенцирајќи дека се туристи во сопствениот град. Велат „чест на исклучоци“ но, понудата и цените во угостителските објекти не соодветствуваат една со друга.

Дел од нашите сограѓани сметаат дека потребна е повеќе да се вложува во кадарот, за да подобри услугата, да се задржат вработените, но и да се зголеми прометот.

  • Сметките и трошоците за живот ни се зголемија и на нас обичните смртници кои живееме преку цела година во Охрид, а врска немаме со туризам, па никој не го интересира како и колку пати можеме да си дозволиме кафе или ручек во месецот. Ете барем вон сезонски попусти да постоеја на пример. И ок е да се правдаш со локација доколку нудиш комплетен пакет-квалитетна храна и услуга на ниво АМА со понуда шарска од 120 грама со гарнир кромид и три компирчиња и топло пиво што пет пати ќе ти го заборајт келнерот… тешко дека имаме разбирање за цениве… Бар до пред некоја година имаше места кај што можеш кафе за нормална цена да пиеш, а сега сите се “со поглед према езеро”. Секоја чест на исклучоците кои се бројат на една рака, вели наша сограѓанка.
  • Охрид е прескап град пред се за охриѓани. Туристите ќе дојдат и заминат, купиле, не купиле, се напиле, не се напиле, ние се истрошуваме до немајкаде,
  • За нас охриѓаните е прескапо, а за туристите 7 дена што ќе седат овде можат да поминат секако. А за тие посебно од странство им е ефтино… како и да речиш… тешко нас охриѓаните да не можеш крај со крај да врзеш, а не да си дозволиш да седнеш во ресторан, кафич.
  • Прескап за жителите како да сме туристи во својот град.
  • За туристите не битно ама за тие што живеат во Охрид прескапо ако им е скапо на туристите ќе одат кај шо е поефтино ама охриѓаните тука живеат.
  • 100 денари час паркинг, кафе во просек 120 денари, сокче 120 денари, пиво 150 денари. Во Охрид е најтешко за охриѓаните. За пазарот да не зборам. Туристите се пролазни.

Граѓаните наведуваат и примери како во другите туристички места дека можеби е време и за охриѓаи да има картички со попуст за користење ресторански услуги со попуст.

  • Редно е во Охрид, како во Дубровник да се издадат картички за користење ресторански услуги за жителите на пример со 20% попуст.

Дел од нашите сограѓани и со спротивен став, велат ниски се платите не е скапо, но и дека цената на услугите зависи и од тоа каде се добива истата.

  • Не е Охрид скап, мали ни се платите, 800 евра плата Охрид супер за сите.
  • Не е скапо ако сака некој да седи покрај езеро, ќе плати поскапо, а има доста поефтини ресторани и кафичи понатсрана од центарот и тоа со добра храна. Сместување поефтино нема никаде во Македонија, на пример во Скопје неможе да најдеш сместување во хотел под 50 евра од ноќ, а и другите градови се со приближни цени, додека во Охрид може да се најде и за 20 евра, така да не е скапо.
  • Охрид е најефтин на Балканот и во цела ЕУ, најмногу нуди за парите што се трошат овде.

Цената вели наш сограѓанин на услугите ја диктираат повеќе фактори, кои го даваат и главниот резултат и очекуваниот профит.

  • За се да биде како што треба работникот треба да е доволно платен и да работи за еден човек не за тројца од каде доаѓаат и фрустрациите и немаат луѓето волја за работа и чекаат побрзо да завршат. Оттука стигнуваме до муабетот дека прометот е помал и тоа е причината, никој не вложува во работниците и нови идеи, па дефицитот на промет мислат ќе го добијат ако поскапат услугите. Вложете во квалитет и работниците и може нема да треба да се вадите на киријата и набавната цена на производите, зошто секаде се поскапени не само во Охрид. Плус може ќе се остани и некој да работи во градов.

Ставот на охридските угостители, пак, е дека Охрид не е ништо поскап од поголемите градови во земјата, особено споредбено со главниот град. Тие посочуваат дека цените се формираат врз основа на многу фактори, за кои обичниот гостин воопшто и не размислува кога ќе одбере каде ќе ги троши своите пари.

Угостителите посочуваат дека не може да се споредува локална кафеана или ресторан во било кој град со локал на првиот ред од езерото.

Тие објекти се резервирани за туристи со подлабок џеб, а изборот е на самите гости каде и дали имаат сила да си дозволат да седнат. На стотина метри од езерото има угостителски објекти каде цените не се ништо повисоки отколку во другите градови во земјата, да не зборуваме за Грција или поатрактивните туристички дестинации, велат угостителите.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски