Одбраната ви е како швајцарско сирење, полна со дупки. Тоа им го порачал најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, на Шкотите, објави вчера британскиот таблоид „Сан“ во ексклузивното интервју со македонскиот ас. И Величе Шумуликоски неколку дена претходно за британските медиуми изјави дека Македонија оди во Глазгов на историска победа.


Мечот во Глазгов е меч на сезоната за Македонија. Ако победиме, сигурен сум дека ќе го освоиме второто место и дека ќе одиме во баражот. На стартот на квалификациите наша цел беше да покажеме дека можеме да се надигруваме со сите, но сега, на две средби до крајот, имаме реални шанси за второто место. Имаме сериозни шанси за победа. Ги победивме во Скопје, па веруваме дека можеме и сега, на гости. Го гледавме дуелот во Осло, тоа беше болен пораз за Шкотска и најголем проблем им е одбраната. Го анализиравме мечот, а наша цел е да ги искористиме сите слабости во последната линија, која е полна со дупки – вели Пандев за „Сан“.

Меѓу другото, како предност за Македонија го потенцира и императивот за победа што го има нашиот противник.

– Знаеме дека Шкотска мора да победи за да ги задржи шансите за 2. место. Но, да се биде под таков притисок е проблем за секој тим. Мора да го пребродиме тој притисок од првата минута и да останеме позитивни. И двете селекции бркаат ист сон, но само еден по мечот ќе може да биде близу до остварување на таквиот сон. Македонија по пресметката со Шкотска лани добро се развива. Мечот со Шпанија беше голем тест за нас, им создадовме големи проблеми на дефанзивците, без оглед што загубивме со 2-3. Водевме со 2-0, а Шпанија е супериорна во однос на Шкотска. Тој меч ни покажа дека можеме да направиме многу во Глазгов. Најважно е да играме без страв и нервози – додал Пандев.

Тој очекува дека Шкотите ќе нападнат, но и дека Македонија е кадарна да се одбрани.

– По поразот од Норвешка, знаме дека Шкотска ќе нападне, но можеме да се одбраниме. Ако поведеме со 1-0, не е невозможно да го задржиме тој резултат. Знам дека атмосферата ќе биде сензационална, и сите големи играчи сакаат да го слушнат навивањето, да ја почувствуваат пасијата. Но, тоа не е проблем – заврши Пандев во разговорот за „Сан“.

ohridnews