Фудбалската репрезентација на Македонија во последниот настап пред своја публика во тековниот циклус на квалификации за пласман на Светското првенство што догодина ќе се игра во Бразил, на националната арена „Филип II“, претрпе пораз од репрезентацијата на Шкотска.

Гостите славеа со 2:1, со головите на Aнија и Мелоуни. Стрелец на единствениот гол за Македонија беше Костовски.

По слабото прво полувреме без голови, во кое Шкотска беше подобар противник, следеше многу подинамичен втор дел. Влегувањето на Тасески на местото на младиот Давид Бабунски во финишот на првиот дел, ја раздвижи средината на нашиот национален состав, но гостите ја искористија невнимателноста на нашата одбрана и од контра поведоа во 60-та минута преку најдобриот поединец на теренот Анија. Македонија дури тогаш се разбуди. Се редеа шансите пред голот на Шкотска, за конечно нововлезениот Костовски во првиот контакт со топката по маестралното додавање од Пандев во 84-та минута израмни на 1:1. Радоста траеше кратко. Мелоуни од слободен удар во 89-та минута ги замолкна домашните навивачи.

До крајот на квалификациите Македонија ќе гостува на Велс и Србија. Токму овие две репрезентации се сретнаа вечерва, а славеше Србија на гости со 3:0.

OhridNews