Шкотска останува дел од Обединетото Кралство, одлучија избирачите на референдум што се одржа вчера. Над 55 проценти од избирачите гласале против иницијативата Шкотска да добие независност по 307 години.  

Резултатите од референдумот покажаа дека поддршката за унијата е поголема од очекуваната врз основа на анкетите направени пред самото гласање и во текот на гласањето. Излезноста на референдумот беше 87 проценти, што е најголема излезност во демократскиот свет откако по Првата светска војна е воведено општото право на глас.

Од 32 окрузи, за независност на Шкотска најмногу граѓани се изјасниле во најголемиот шкотски град Глазгов, во два окрузи во негова околина и Данди, град кој се смета за најголемо упориште на поддржувачите на независност.

Унијата голема поддршка имала во главниот град Единбург, центарот за нафтена индустрија Абердин, во окрузите на англиската граница и на Шетландските и Оркниските острови.

OhridNews

извор Макфакс