Есенскиот шампион во Првата македонска фудбалска лига, Шкендија ги започна седумдневните подготовки во Охрид. Тетовските „црвено црни“ на Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ ќе тренираат во полн ритам два пати на ден, а ако договорат противници ќе одиграат два контролни натпревари.
– Во Охрид ќе тренираме комбинирано и ќе ставиме акцент на тактичкиот и физичкиот план. Исто така сакаме да одиграме два натпревари, но тоа зависи дали ќе обезбедиме противници. – изјави шефот на стручниот штаб, Ќатип Османи.
Заедно со екипата во Охрид допатуваа новите три засилување кои беа презентирани на стартот од поготовките во Тетово. – Мевљан Адили е наше вистинско засилување, додека останатите двајца Селадин Мустафи и Сабит Биљали треба да се докажуваат на тренинзите и да ја чекаат својата шанса. Нам не ни треба нов фудбалер, но ако се одлучиме да купуваме тоа ќе биде само екстра фудбалер.
Тетовчани првата полусезона во елитата ја завршија со осум бодови позитива во однос на Вардар, но не ни помислуваат дека сезоната е завршена или пак решено прашањето околу титулата.
– Во нашите мисли и глави нема никаква бодновна предност во однос на Вардар. Сите сме биле сведоци во нашиот шампионат и во многу други на неверојатни пресврти во една полусезона, затоа говорам дека ништо не е готово. Има уште 18 натпревари во кои има 54 бодови, а нашата предност е осум бодови, што не гарантира ништо. – заврши Османи.
Шкендија во Охрид ќе се задржи до 16 јануари, потоа се враќа во Тетово, а од 20 јануари се преселува во Анталија каде ќе ги има финалните подготовки.
Мх.П.