Македонскиот интернационалец Ванче Шиков ги одигра сите 90 минути во дресот на Австрија против Рапид во 310-то виенско дерби, кое заврши без победник, 2-2. „Виолетовите“ двапати имаа предност, со 1-0 и 2-1, но на крајот мораа да се задоволат само со еден бод. По шест кола сезонава Австрија уште нема победа, за избраниците на Феликс Баумгартнер ова беше петто реми во новото првенство.
– Добро го почнавме мечот, поведовме уште во 1. минута и одигравме како што се договоривме. Во завршницата на првиот дел примивме погодок. Повторно со добра игра во вториот дел ја вративме предноста, а падот на концентрацијата пред крајот на средбата нѐ чинеше примен гол. Штета за публиката и за навивачите, кои дојдоа во голем број (11.900 гледачи – н.з.), но не можеа да се радуваат на победа – рече македонскиот репрезентативец.
Притисокот расте на плеќите на тренерот Баумгартнер, кој уште ја нема почувствувано сласта на победата во виолетовиот дрес.
– Уште ја чекаме таа една победа, која ќе ни донесе спокој. Напорно работиме овој состав има квалитет и верувам во екипата, во стручниот штаб и со текот на времето ќе дојдеме до посакуваните резултати – вели Шиков.
Стратегот на домашните Баумгартнер истакна дека самите се виновни за пропуштената победа во завршницата на средбата.
– До таа 85. минута бевме подобриот тим и бевме поблиску до победа, но самите сме виновни што не успеавме да победиме. За мене ова се два загубени бода – рече Баумгартнер.
Стратегот на Рапид, Зоран Баришич, кој шест меча во низа нема пораз во градските дербија, беше задоволен со освоениот бод. 311 пресметка меѓу Австрија и Рапид ќе се одигра на легендарниот стадион “Пратер“ на почетокот на ноември.
М.П.