Вечерва во Домот на културата во Вевчани, КУД „Дримкол,, ќе го одржи својот годишен концерт кој традиционално секоја година се одржува во периодот помеѓу Велигденските празнувања и Педесетница. На концертот учество ќе земат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група ,,Каданка,, преку вокални изведби на нејзини солисти како и членови на патувачкиот театар од Вевчани.
Годишниот концерт за нас претставува голем настан, бидејќи се случува во Вевчани и пред нашите Вевчанци кои секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Но, нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на Дримкол е и голема одговорност. Оваа година темата на концертот е убавината на нашата земја, односно презентација на се што е убаво преку игра, песна, видео проекции како и преку дијалог на мајката и ќерката кои одлучиле да се рашетаат низ нашта земја богата – изјави Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.
Поради големиот интерес кај публиката за овој културен настан, КУД „Дримкол,, одржува по два концерти со почеток во 18:00 часот и 20:00 часот.
Низ годините наназад, со сигурност може да се забележи дека ова друштво на своите концерти секоја година обработува различни теми со силни пораки и на еден посебен и автентичен начин прави одличен спој на песната, орото, музиката и театарот.
Оваа година концертот е поддржан од министерството за култура на РСМ како проект од национален интерес на нашата земја.
OhridNews