Деветнаесет шоуа различни по форма и карактер во изведба на 18 учесници ќе бидат прикажани во рамки на овогодинешниот шестти „Summer Comedy Marathon“ кој ќе се одржи од 21 јули до 13 август во Охрид. Според организаторите публиката ќе може да ужива во квалитетна понуда со домашни локални изведувачи, но и со гости од надвор, а шоута во континуитет ќе се прикажуваат во посочениот период со мала пауза од три дена само за време на Илинденските празници.

Идејата да направиме нешто вакво се роди пред седум години и за нас беше предизвик да оформиме еден ваков тип на Комеди фестивал, посебно во период кога локалните комичари и воопшто стендап комичарите во Македонија беа во помал број, рече на денешната прес конференција Никола Тодороски, дел од организаторите и учесници на маратонот, изразувајќи задоволство што како одминува времето сцената се повеќе расте и се развива.

Оваа година Фестивалот го отвораме со култното шоу „Импровокација“, ретко од таков вид во Македонија, бидејќи претставува театарска импровизација која се случува во моментот со активна партиципација на публиката. Потоа следуваат гостувања на нашите колеги Атанас и Тино во Куба либре, каде на оваа локација ќе имаме три шоу. Тројца учесниците имаме од Србија и еден од Грција, неколку шоуа на англиски јазик што го потврдува фактот дека Фестивалот на комедијата е интернационален фестивал и се надеваме дека и во идните години како програмски и по квалитет ќе растат шоута. За жал, оваа година и покрај нашите напори немаме учесничка. Целта на Фестивалот е да се настапува со нов и оргинален материјал. Се надеваме во делот на шоуто „Отворен микрофон“ да имаме присуство на поубавиот пол. Апелирам до сите колешки следната година би сакале да имаме и нивно присуство, вели Тодороски.

Посочи дека оваа година заедно со Стрезо Стаматовски имаат јубилејно шоу десет години „2 Мothers Brothers“ кое ќе се случи на сцената на Долни Сарај во копродукција со медиумскиот покровител OhridNews, како една добра завршница на Фестивалот.

Дел од екипата на локални изведувачи кои ќе настапат во рамки на програмата на маратонот на комедијата велат се нуди нешто поразлично во културната понуда на градот и ги охрабруваат сите кои имаат желба да бидат дел од истиот.

  • Еден ден има „Oтворен микрофон“ за секој кој има некаква идеја или желба да биде дел од стендап сцената би било добро да си подготови оргинален материјал и да ни се приклучи. Целта е да се освежи сцената. Исто како што и ние почнавме пред шест години помладата екипа тука, полека се додека не се формира една убава шега со сите пропратни делови. Еве една шанса за сите кои сакаат да се пријават, вели Никола Сиљаноски Братучед.

  • На овој маратон со Братучед ќе имаме соло шоуа и можност да се претставиме. Нашите шоуа траат по еден час, а сме почнале со 5 минутни, така да ништо не значи почетокот битна е целта. Затоа е добро да се пријават сите кои имаат нешто да кажат. Да си напишат материјал и да се приклучат кон екипата. Нашите соло шоуа нема да се стандардните, ќе бидат мешавина од се претходно, најдоброто од нас, вели Зоран Донев.

  • Веќе шест маратони сум дел од истите и ми е драго што во последниве години со вакви настани градиме некаква културна алтернатива на охридската сцена и ја збогатуваме програмата која ја нуди овој град. Не се истите настани, туку се повеќе младите, луѓето и вакви екипи се охрабруваат да ги преземат работите во свои раце и да направат некоја иницијатива, бидејќи Охрид и гостите заслужуваат да видат поинаков тип на настани. Од година во година се зголемува репутацијата и се бара билет повеќе. Тоа што се градеше како локално приказна, почна и на национално ниво, а последниве две три години и интернационално што се надеваме и повеќе ќе расне. Тоа што публиката може да го видат низ Македонија и Балканот преку годината сега може да се види во Охрид. Сите заедно се надевам ќе продолжиме да ја градиме оваа позитивна приказна во Охрид и ќе внесеме позитива во овие топли денови, вели Јован Цветкоски.

Годинава маратон ќе се одвива на четири различни сцени, а сите кои се заинтересирани да ги проследат шоута треба навремено да си купат или резервираат билет.

Маратонот ќе се одвива на четири сцени и тоа при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Куба либре, Џез Ин и едно шоу ќе биде одиграно на Долни Сарај. Освен последниот настан сите други започнуваат во 20 часот, посочи Филип Ангеличин Жура, дел од организаторите.

Карти може да се купат на страната www.hahaha.mk или со резервација на тел. бр. 075/283-066.

 

Н.С.Ј./Г.М.