Градот по шести пат живее во духот на спортот, дружењето и забавата преку „Ohrid running weekend“.

Врвни атлетичари, спортисти и рекреативци од 18 држави денес зедоа учество на главниот настан од манифестацијата „Охрид трчаТ“, трката на 21 километар која започна во 8.30 часот, а чиј старт го означи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и трката од 5 километри која започна во 8:35.

Познати имиња зедоа учество на трката од 21 километар, а посебна магија на „Охрид трчаТ“ му даваат и учесниците на рекреативната трка на 5 километри и разно разните пораки од тркачите.

И годинава се трчаше за поддршка на лицата со ретки болести, имаше многу тим билдинг екипи, фамилијарни екипи.

Градоначалникот Кирил Пецаков заедно со претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев беа дел од тимбилдингот на ретките болести кој по шестти пат трча на „Охрид ТрчаТ“ овојпат со порака за еднаков и правичен пристап до дијагноза, лекување, здравствена и социјална нега и можности на лицата со ретки болести.

Тркачите и рекреативците пред стартот на трките се загреваа со вежби предводени од StretchWell – Србија кои и изминативе два дена беа со учесниците со цел подобра подготовка пред трката, но и поефикасно опоравување по истата.

И оваа година големата професионалност и максимална посветеност на организаторите од една страна и големиот број учесници и уште поголема позитивна енергија од друга страна направија вистински спој за атлетско уживање.

Во рамките на „Ohrid running weekend“ учесниците и посетителите три дена вклучени во богатата програма со социјални активности, трки, концерти, хуманитарни акции, промоција на Охрид. Во текот на вчерашниот ден учениците можеа да уживаат во убавините на Охрид и Охридското Езеро.

Одржана беше и Панел дискусијата со „Детска атлетика“ на која ќе има двајца еминентни гости од Сплит и од Белград, Кристијан Синдик директор на сплитскиот маратон и Здравко Мишовиќ директор на „Трката на пријателства“ заедно со Кираџиев и Тања Димитриеска од Охрид ТрчаТ.

На панелот се разговараше за придобивките кои атлетиката ги има за децата, поддршката која е битна да ја добијат децата од родителите, идеалната возраст за отпочнување со овој спорт, учеството на трките, но и условите во кои се наоѓа во моментов детската атлетика, како и нужната потреба од подобрување на истите.

Прв пат „Охрид трчаТ“ се одржа во 2017 година, предизвикувајќи бум во македонски рамки, да денес стане вистински препознатлив бренд на Охрид.

Н.С.Ј.