Со учество на 448 пријавени маратонци од 35 земји викендов ќе се одржи шестото издание на „Охрид Ултра-Треил“ трката низ падините на планината Галичица. Атлетичарите и вљубениците во спортот и природата ќе бидат дел на една од петте предвидени трки низ пикторескните падини на Галичица и долж крајбрежјето на Охридското Езеро.
Стартот на трката од 107 километри е закажан за 24 мај од Градскиот плоштад во 23 часот, додека останатите ќе се трчаат на 25 мај, со старт на 66-километарската трка од Свети Наум во 7 часот, трката на 42 километри стартува од Пештани во 9 часот, а трките на 22 и десет километри од Велгошти од 10:30 односно 11 часот.
Новина оваа година е јуниор-треил трката, наменета за деца од 13 до 18 година, на која ќе учествуваат над 60 пријавени тркачи. Финишот за сите пет трки ќе биде на Градскиот плоштад.
Годинава за првпат ќе се организира и „Експо“, во спортската сала „Билјанини извори“, в петок од 9 до 21 часот.
Според организаторите на манифестацијата, за „Охрид Ултра-Треил“ има голем интерес кај странските тркачи и авантуристи, не само од соседните туку и од подалечни држави. Дури половината од пријавените учесници се странци, и тоа од Србија, Албанија, Косово, БиХ, Грција, како и од Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Полска, Словачка, Чешка, Тајланд, Јапонија, САД, Франција, Португалија, Велика Британија, Словенија, Италија…
Првата „Охрид Ултра-Треил“ манифестација се одржа во 2019 година, со две трки во планинско трчање на 60 и 30 километри. Од првото издание на кое имаше 130 учесници, со пет одлични последователни изданија „Охрид Ултра-Треил“ прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан под отворено небо.
OhridNews