По шести пат, утревечер ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“ организиран од охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос“.

Публиката ќе може да ужива во хорските композиции од различни музички жанрови, од класична музика до современи аранжмани. Како домаќини, охридските хористи ќе настапат со четири композиции: Ubi caritas – О. Gjeilo, Konj – I. Matvienko, аранжман I. Denisova, Besame mucho – C. Velasquez, аранжман J. Galvan и Mad world – Tears for fears, за која аранжманот го направи диригентот Бурим Хидри.

Покрај „Вокс Лихнидос“ ќе настапат хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда, мешаниот хор „Бачки певачи“ од Врбас, како и најдобриот и најнаградуваниот хор од Македонија, женскиот младински хор при МКЦ Скопје, предводен од диригентот Сашо Татарчевски. На големо задоволство годинава за првпат гостуваат хорови од Словенија и Албанија.

Фестивалот ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија“, почетокот е во 20:00 часот, влезот ќе биде слободен.

Инаку, Охридскиот градски хор зад себе има традиција од полни 59 години, од 2015 година го носи името „Вокс Лихнидос“ и е успешно предводен од диригентот Бурим Хидри. Настапите на „Вокс Лихнидос“ во Охрид, низ Македонија, но и надвор се поздравени со аплаузи и овации, но и позитивни критики од познавачите на хорското пеење. Имаат освоено бројни награди на престижни фестивали и натпревари, а последно беше освоениот сребрен медал на фестивал во Херцег Нови.

Хористите во меѓувреме се подготвуваат и за учество на уште еден хорски натпревар, што на почетокот на јули ќе се одржи во Ниш, Србија. Значајно за ова учество е што хоровите не се пријавуваат, туку се натпреваруваат на покана на организаторите.

OhridNews