Во четврток, 22 август, традиционално, во ОУ „Ванчо Николески“, во Лескоец, крај Охрид, со почеток во 10:00 часот, свечено ќе биде отворен, шесттиот по ред, Балкански поетски Камп за млади „Ванчо Николески“.
Учениците од училиштето, единствената иституција кај нас, која го носи името на родоначалникот на македонската литература за деца и млади, за свечениот чин, подготвуваат посебна културно-уметничка програма.
Учесници се млади, надежни поетски имиња од Република Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Турција и Хрватска.
По свеченото отворање на манифестацијата, учесниците и организаторот – Друштвото за литература и култура „Мацково“, ќе оддадат пиетет кон Николески, со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште во Охрид.
Годинава, како плод на воспоставената прекугранична соработка со Организацијата за литературно и културно активирање, од Корча, Албанија, Кампот внесува нова содржина, со тоа што, еден ден, петок 23 август, учесниците и организаторите, од Охрид и Црвена Вода, местото на раѓањето на Николески, ќе се префрлат во областа Мала Преспа, Албанија, регион населен со етнички Македонци.
Таму, тие ќе бидат гости на своите другарчиња од средното училиште во Пустец, како и на општина Пустец, каде ќе ги прими градоначалникот Пали Колефски.
Централниот прекуграничен настан е организиран во селото Глобочани, родното место на Стерјо Спасе, врвен литературен деец во Албанија со етничко македонско потекло. Во Спомен домот, подигнат во негова чест, познавачи, ќе говорат за ликот и делото на писателот, додека поетите ќе читаат песни пред монументот на Стерјо Спасе, на средселото.
Годинешните учесници ќе бидат примени и во општините Охрид и Дебрца, од страна на градоначалниците, ќе имаат можност да ја разгледаат богатата Галерија на дела од Ликовната колонија Дебрца во Белчишта, како Спомен собата на Николески во Црвена Вода, заедно со неговата родна куќа.
Манифестацијата ќе трае до петок, 24 август, за кое време часовите за креативно пишување, односно поетските работилници, ќе ги води поетот, професор д-р Христо Петрески.
Балканскиoт поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, додека, финансиски е помогната од Општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.
OhridNews