Под мотото „Кула од вечности“ од 6 до 9 август, на „Летната сцена“ од Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи шестото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short 2022“.
Оваа година публиката ќе има можност да погледне филмови во четири натпреварувачки категории: студентска, регионална, интернационална и специјалната програма „Соочување со минатото“, информира Јаков Попоски, дел од организацискиот тим,
Покрај вообичаената програма, фестивалот оваа година ќе прикаже уште една натпреварувачка програма Darlings, чиј победник ќе биде избран од публиката, потоа гостинскa програма од Sarajevo Film Festival, како и специјални македонска програма, со единствена цел промоција на што повеќе македонски филмови и автори. Покрај филмската програма, секако неизбежен дел е и нашиот филмско-едукативен дел од фестивалот, пропратен со мастер класови, дискусии и соработки, истакна Попоски.
На отворањето, најави промоција на книгата на македонската филмска критичарка Сунчица Уневска, потоа изложбата “Killing Culture” на Хрвоје Полан, дискусија на тема „Различни начини на раскажување приказни“.
Во рамки на Фестивалот ќе се одржи и вториот дел од работилницата за краток филм, што ја организираме во соработка со Башта фест од Бајина Башта и Синема филм фестивал од Улцињ, како дел од новоформираната Балканската мрежа за кратки филмови од која сме дел од неодамна, додаде Попоски.
На шестото Фестивалско издание, како што подвлече, ќе изградат кула, која ќе претставува почеток на нивната филмска тврдина. Токму затоа е избрано и годинашното мото „Кула од вечности“.
Неизоставен дел од Фестивалот, според него, е музичката ОФФ програма, која ќе ги продолжи филмските летни ноќи.
OhridNews