Во услови на светска здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид 19 фестивалот „Охридско лето“ ја продолжува традицијата која шест децении внимателно ја градат најпознатите светски и домашни уметници промовирајќи ја македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава.

Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на шеесеттото јубилејно издание на најзначајната културна манифестација во земјата, вечерва на Античкиот театар во Охрид.

Годинава големиот јубилеј е засенет од глобалниот предизвик со кој сите се соочуваме. Поради пандемијата меѓу нас изникнаа бројни невидливи ѕидови на социјална дистанца и изолација. Во изминативе месеци, многумина со загриженост прашуваа како ќе изгледаат уметноста и културата во светот во кој вирусот, ковид-19 е доминантен? Историјата сведочи дека во кризни времиња културата не умира, напротив, раѓа поинакви формати за понатамошно опстојување. Некои од најголемите уметнички дела се создадени токму во време на големи лични и заеднички трауми што ја ослободуваат креативноста. Наместо да исчезнат, многу уметнички и културни иницијативи и форми доживеаја дигитален препород. Затворени во своите домови, многумина од нас се восхитуваа на уметниците кои настапуваа на празните плоштади и во празните сали со цел да нѐ охрабрат да издржиме. – рече Пендаровски.

Во време на здравствени и економски предизвици, уметниците се и критичкиот глас што нѐ поттикнува да размислиме врз какви вредности треба да градиме подобар и поправеден заеднички свет. Сето ова се должи на вистината дека и во времиња на радост и во времиња на страдање, човекот токму преку културата и уметноста ги согледувал, ги отсликувал, но, и ги менувал општествените и политичките наративи, истакна Претседателот.

Да се организира „Охридско лето“ во услови на ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно. Веќе 60 години оваа манифестација е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметничко здружување и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите. – подвлече  покровителот на манифестацијата кој го прогласи фестивалот „Охридско лето“ за отворен.

 

На отворањето на фестивалот настапија светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ. Нивниот концерт „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ на кој беа изведени популарни арии, беше посветен на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која со концерт во Св. Софија на овој ден пред 60 години го означи почетокот на исклучителната традиција.

Концертот го проследија само 400 гледачи и званици, поради ограничувањата предвидени со строгите здравствени протоколи за заштита од корона вирусот, под кои оваа година се одржува фестивалот. Присутните беа одалечени едни од други на растојание од 2 метра, а на влезот им беше мерена температура. Од превентивни причини, целокупната програма ќе биде реализирана на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај и  Предворје на Св. Софија и со соодветни мерки на заштита.

За разлика од вообичаено, оваа година фестивалот ќе трае 28 дена. До 30 август публиката ќе има можност да види 26 концерти, како и претстави од домашни театарски куќи.

Г.М.