На Галичица денес се интервенира со шест воздухоплови и 120 лица од НП Галичица, Планинарскиот клуб „Патагонија“, Резерватот „Езерани“, Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид и Свети Николе, Планинска спасителна служба при ОО Црвен крст Охрид, ТППЕ Охрид и ТППЕ Ресен, информираат од Центарот за управување со кризи Охрид.
На сите фронтови кои се активни се интервенира и во исто време имаме поддршка од шест воздухоплови, три хеликоптери и три ер трактори. Плановите за дејствување се целосно разработени. Сите фронтови се обезбедени и со луѓе за гасење и обезбедени со воздушна поддршка. Се очекува во голема мера да се намали фронтот на горење и да се намали јачината на стихијата, вели раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски.
Посочува дека се интервенира на ресенска страна кон селата Лескоец и Стење, додека на охридската страна од кај планинарската куќа према Злидол, и над Љубаништа од месноста Војтино.
Воздухопловите ќе го поддржуваат цел ден процесот на гасење. На терен имаме распределено сили, се командува оперативно и се врши загаснување, изработка на заштитини појаси, додава Темелковски.
Н.С.Ј