Охридските боксери од клубот „Алексо Огненовски“ храбро и достоинствено настапија на Поединечното државно првенство во бокс за 2021 година, освојувајќи три златни и три сребрени медали.

Златни медали донесоа моментално најдобриот македонски боксер Арсим Етеми, кој во полуфиналето и финалето ги совлада своите противници од Скопје и Тетово, потврдувајќи талентот и квалитетот. Покрај Етеми, златни одличја освоија и сестрите Марија и Ана Мацески, кои во финалните мечеви беа подобри од своите противнички од Штип и Струга, додека Викторија Славковска, Димитар Ѓорески и Илија Чингоски беа поразени во своите финални мечеви и мораа да се задоволат само со сребро.

Интересно и вредно е да се напомене дека покрај доминацијата на охридските боксери сега и во минатото во машка конкуренција, и женските боксерки од Охрид го земаат приматот и доминираат во однос на своите противнички од другите градови во државата

Најдобриот македонски млад боксер и член на клубот Енис Алиу не настапи на првенството и поради репрезентативните обврски тој замина да ги брани националните бои на силниот меѓународен турнир „Куп на нации” во Врбас, соседна Србија.

Енис Алиу во акција.

Охридските боксери продолжуваат со тренинзите и подготовките за следните предизвици во македонски и интернационални рамки.

OhridNews