Шест лица се уапсени а едно е рането во големата антитерористичка операција којашто вечерва продолжува во централното подрачје на белгиската престолнина Брисел, пишува електронската верзија на дневниот весникLa Dernière Heure, според кој операцијата продолжува во неколку други белгиски градови, пренесува „Макфакс“.
Според весникот, операцијата во центарот на Брисел е завршена и во неа се уапсени шест лица. Уште еден маж е уапсен во јужниот белгиски град Шарлероа.
Во другите населби на Брисел, вклучително и предградието Моленбек од кое потекнуваат главните осомничени за париските напади од 13-ти ноември, како и во неколку други градови во Белгија, особено во Лиеж, антитерористичката операција продолжува и ноќта кон понеделникот.
Претходно белгиската полиција апелираше до медиумите да не објавуваат детали од текот на операцијата до нејзиното завршување.
Телевизијата RTBF, исто така, известува дека во неделата ноќа се вршат пребарувања на домови и приведувања во повеќе општини на Брисел во потрага по лица осомничени за терористи кои подготвуваат напади во земјата, но не наведува локации и бројки.
Претходно белгиските медиуми објавија дека во доцните попладневни часови е започната полициска операција во центарот на Брисел, при што се блокирани улиците околу плоштадот Гран Плас, а од жителите било барано да не се приближуваат до прозорците. Потоа беше објавено дека десетици полицајци се распоредени во источната бриселска општина Етербек, а телевизијата објави и дека е целосно блокиран за излегување и влегување доселеничкиот кварт Моленбек,
Извори блиски на белгискиот премиер Шарл Мишел, според RTBF, изјавиле дека „операцијата е без преседан не само поради преземените мерки, туку и поради силите кои се ангажирани, што е резултат на неколкудневната истрага, вклучително и со учество на странски служби“.
Телевизијата повикувајќи се на свои извори пренесува и дека целта на операцијата е да се неутрализираат лица кои претставуваат закана за безбедноста на Белгија, и во тие рамки се вршат претреси на домови и приведувања.
Во ноќта кон саботата најмалку до понеделник попладне во Брисел нивото на тревога оф веројатен терористички напад е подигнато на 4-ти, највисокото ниво, додека за остатокот од Белгија на сила е 3-то ниво на терористичка закана.
Според премиерот Мишел се стравува од „напади како оние во Париз, што значи дека некои поединци би можеле да изведат напади во Брисел на повеќе места истовремено“. Притоа повтори дека „постојат индикации дека цели на нападите би можеле да бидат шопинг центри и улици со поголема концентрација на продавници“.
OhridNews
извор:„Макфакс“