Вкупно шест хотели кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро добија признанија од страна на тур-операторот „Корендон“ кој во текот на изминатите години континуирано носи холандски и белгиски туристи во Охрид и Струга.

Доделувањето на вакви признанија е традиционална практика на „Корендон“ и има за цел да ја зголеми инвентивноста и професионалноста во хотелската индустрија.

Во категоријата Service, односно за најдобра услуга за 2014 година признание е доделено на хотелот „Силекс“ од Охрид. Надлежните во хотелот велат дека ваквата награда е само дополнение на заложбите кои овој хотел ги прави во текот на изминатиот период.

-Оваа награда многу ни значи бидејќи претставува само една дополнителна потврда на она што всушност сме ние. Оваа награда за сервис е само уште една потврда на нашите заложби. Со Корендон соработуваме 5 години, одлична успешна соработка и навистина наградата ми е особено драга бидејќи станува збор за услуга, изјави генералниот менаџер на хотел „Силекс“ Тошо Чочороски.

Во категоријата Food (Храна) за 2014 година „Корендон“ додели признание на хотел „Макпетрол“ од Струга, а во категоријата Price & Quality (Цена и квалитет) признание е доделено на охридскиот хотел „Десарет“. Дел од одговорните во овие два хотели истакнаа дека признанијата ќе значат дополнителен мотив за остварување на уште подобри резултати и создавање на подобори хотелски услови.

Во категоријата Rooms (Соби) за 2014 признание е доделено на струшкиот хотел „Дрим“, додека пак хотелот „Изгрев-Спа и Аквапарк“ добил признание во категоријата Child Friendly, што се однесува на добри услови за престој и забава на деца.

-Задоволни сме од признанието кое го добивме од туроператорот „Корендон“, со кој имаме исклучително добра соработка. Признанието кое го добивме значи дека нашиот хотел се одликува со идеални услови за одмор со деца, бидејќи на децата им нуди одлични услови за одмор исполнет со забава, велат од менаџерскиот тим на туристичката мрежа „Фибула груп“ која стопанисува со хотелот „Изгрев –Спа и Аквапарк“.

Во категоријата Special Award (Специјалната награда) за 2014 година признание е доделено на хотел „Метропол“. Ова признание се доделува врз основа на севкупниот квалитет и популарноста на сместувачките капацитети.

-Од страна на претставниците на „Корендон“ во рамки на доделувањето на признанието ни беше кажано дека за прв пат хотел од Македонија добива награда во оваа категорија што секако значи дополнителен поттик за целиот наш тим, за остварување на нови успеси во хотелската индустрија и во иднина, велат одговорните во хотел „Метропол“.

 Инаку во делот на признанија за 2014 година, „Корендон“ доделил награди на 149 хотелски капацитети кои се лоцирани во различни туристички дестинации во Светот.

Е.М