Судечкиот совет во предметот „Талир 2” го прогласи за виновен поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и го осуди на казна затвор од шест години за кривичното дело злоупотреба на службена должност. За виновен е прогласен и Кирил Божиновски, кого судот го осуди на две години условна казна.
Воедно, судот го прифати и предлогот на обвинителство и го конфискуваше седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови низ државата.
Правата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2” беа ускратени, изјави
Правниот застапник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Ружица Николовска, по објавување на пресудата со која седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови се конфискуваат, вели дек биле ускратени правата на партијата.
Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе по однос на сите овие околности. Само ќе укажам на една работа. Да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика. Имено, доколку постојат какви било дејствија и е утврдена вина како што тоа судот денеска го стори, тогаш можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица, изјави адвокатката Николовска и додаде дека во таа политичка партија има многу други луѓе кои што допринеле за создавање на тој имот.
Воедно, таа најави дека ќе ги користат другите правни средства кои им стојат на располагање и се надеваат дека правдата ќе биде задоволена.
Судењето го води судијката Даниела Алексовска Стојаноска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе.
Груевски и Божиновски беа обвинети за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
OhridNews