Претседателот Трајковски(1956-2004) беше човек со своја визија за Република Македонија и имајќи ги предвид познатите македонски и балкански расправии и кавги, сметаше дека во денешна Македонија и на Балканот мора да дојде до еден радикален пресврт со кој големата недоверба меѓу луѓето и народите, што се наталожила во нивното историско постоење, ќе се напушти и замени со меѓусебна почит и разбирање, а омразaта со пријателство и соживот.
По повод шестгодишнината од големата несреќа, претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски денеска ќе положат цвеќе на гробот на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски.
Помен ќе им биде оддаден и на Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски, кои загинаа во авионската несреќа што се случи во местото Ротимље близу Мостар пред шест години.