Пред шест години во сообраќајна несреќа на авто-патот „Скопје – Куманово“ грагично животот го загуби Петар Милошевски. Тој беше долгогодишен чувар на мрежата на А селекцијата, а потоа и директор на македонските фудбалски репрезентации. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) му оддаде почит на Милошевски, кој секогаш се заложуваше за доброто на македонскиот фудбал.
Македонскиот фудбал пред шест години го загуби еден од најдобрите и најважните луѓе во својата историја.
Ни беше чест што го познававме и соработувавме со Петар, а непотребно е воопшто да набројуваме со што го задолжи македонскиот фудбал и Фудбалската федерација на Македонија.
Има ли смисла да набројуваме што сѐ постигна Петар како фудбалер и како фудбалски работник? Нема, бидејќи пораките кои пристигнуваа и денеска од сите страни најдобро говорат каква трага остави во македонскиот, но и во европскиот фудбал.
Има ли смисла да опишуваме каков човек беше? Нема, бидејќи тагата која и денеска ја чувствуваме сите не е случајна. Петар не беше само фудбалер или директор на репрезентација, неговата фигура беше татковска. Знаевте дека ќе биде со вас, без оглед дали е ваш соиграч, или ваш претпоставен.
Повеќе од било какви зборови овде, му должиме на Петар продолжувајќи го патот кој тој го зацрта.
Да се грижиме да луѓето, за фудбалерите, за федерацијата, за македонскиот фудбал. Од него најдобро можевме да научиме како се прави тоа. – стои во писмото од ФФМ.
Во автомобилот тогаш се наоѓал и актуелниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, кој помина со повреди. Во клупската кариера „единицата“ ги чуваше головите на Пелистер и Вардар во Македонија, а во странство беше дел од екипите на Трабзонспор, Малатијаспор, Себатспор и Енозис.
OhridNews