Шест земји на
Европската унија деновиве упатиле барање до комесарот за внатрешни
работи Сесилија Малстрем, ЕУ до крајот на годината да преземе мерки за
суспендирање на безвизниот режим за државите од Западен Балкан,
пренесува српски „Blic“.
Извори за весникот изјавиле дека
барањата биле поткрепени со писмо зад кое застанале Белгија, Луксембург,
Шведска, Германија и Холандија. Овие држави не навеле експлицитно на
кои држави од Западен Балкан се однесува барањето, туку побарале да се
суспендира слободното патување за целиот простор, наведува „Blic“. Овие
држави во образложението навеле дека со месеци имаат прилив на лажни
азиланти од земјите на Западен Балкан и поради тоа бараат ЕУ да преземе
соодветни мерки.
-Тоа практично значи дека од Брисел се бара
до крајот на годината да усвои измени во регулативата со кои ќе се
предвиди можност за ограничување на безвизниот режим. Прецизно во
писмото се бара да се пропишат услови за воведување на суспендивна
клаузула на безвизниот режим која би требало да биде усвоена на ниво на
целата Европска унија, пренесува „Blic“ изјава на извор од унијата.
Истиот извор наведува дека засега не се знае кога оваа мерка би можело да биде усвоена и со колкава важност.
Особено
гласно своето незадоволство деновиве го искажа Германија, каде според
пишувањата на тамошните медиуми екстремно е зголемен бролот на барања за
азил од Србија и Македонија. Германските медиуми наведуваат дека
проблемот со азилантите и визната либерализација за Србија и Македонија
ќе бидат разгледувани на самитот на министри за внатрешни работи и
правда на 25-ти октомври.
извор:„Blic“