ШЕСТ ДЕЦЕНИИ ОД ЕПОХАЛНОТО ОТКРИТИЕ ВО ЦРКВАТА „СВ. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА (СВ.КЛИМЕНТ) ВО ОХРИД

Ново поглавје на европската уметност

–    Прочуените фрески во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид, ремек дела на ѕидниото сликарство на зографите Михаило и Евтихиј се прикажуваат како апсолутно рамни на помпејското ѕидно сликарство и фреските од времето на ренесансата во Монографијата за Византија објавена во англиското списание „Лајф“

–    Од времето на Јустинијан, византиската уметност не триумфираше така во внатрешноста на Балканот како кон крајот на ЏИИИ век и во почетокот на ЏИВ век – ќе констатира историчарот на уметноста проф. д-р Светозар Радојчиќ
 

Ристо Кузмановски

Во европската акција за интегрална рехабилитација е вклучено културното наследство од Македонија: охридската средновековна црква Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) чие фреско-сликарство одамна очекува интервенција, Златковата Кула во Кратово и црквата Св. Ѓоргија во Старо Нагоричани кај Куманово од 1318 година, задужбина на крал Милутин. Фреските се дело на зографите Михаило и Ефтихиј. Овие три објекти од Македонија ќе бидат целосно обновени и ставени во функција преку заедничка акција на Европската комисија и Советот на Европа. Во музејскиот комплекс на црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид се вклучени: камбанаријата од 1924 година, подарок на американскиот научник од светски глас Михајло Пупин, основоположник на бежичната телефонија, без која денес неможе да се замисли мобилната телефонија. Овде се наоѓа Галеријата на охридските икони, зградата на основното училиште од ЏИЏ век, чија музејска поставка е резервирана за експонатите на Музејот за словенска писменост, гробот на писателот и македонскиот преродбеник Григор Прличев (1830 – 1893 година).

Целта на европската акција за рехабилитација на културното наследство е лошата состојба на фреските во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент). Потребна е итна конзерваторско – раставрациска интервенција врз покривот, оштетувањата на фасадата и непостоење на дренажен систем поради што страдаат фреските.
При испитувањето на теренот во склопт на проектот за идната реставрација на црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) се откриени подземни води кои се идна опасност за Музејскиот комплекс. Затоа со проектот за заштита на архитектурата и фреските на црквата се предвидува обновување на целиот комплекс кај црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во стариот дел на Охрид.  
 
Рамно пред шест децении, во текот на летната сезона во 1950 година, се подготвуваше Неделата на македонската национална култура во Охрид. На овој собир, на бројните гости требаше да им се покаже што тогаш постигна Народна Република Македонија на културно и уметничко поле во првите години по Втората светска војна. Токму тоа беше мошне погоден момент на јавноста да и се покаже и она за што малку се знаеше. Тоа беа охридските фрески, чие откритие туку што почна во охридската катедрала Св. Софија од 11 век.

Едновремено се размислуваше за откривањето на фреските во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент), кои веќе со децении беа сокриени под темните наплатувања од чад на свеќи. Тогаш беа предлагани разни методи на откривање на овие фрески. Едни конзерватори предлагаа чистењето да се изврши по механички пат, втори со помош на плуканици, а трети – со употреба на гума и леб, четврти пак со терпентин. Така, француските конзерватори, кои во 1949 година престојуваа во Охрид поради копирање на фреските во Св. Софија на Изложбата на средновековната уметност на Југославија во Париз, по деталниот преглед, препорачаа чистењето на фреските во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) да се изврши со помош на терпентин или бензин со кои би се премачкале фреските, а потоа терпентинот или бензинот би се запалил и на тој начин би изгорел лакот и чадот на фреските. Но, како постоеја бројни предлози, повеќемина од предлагачите својот изум не сакаа да го спроведат во дело, односно не сакаа да се зафатат со чистењето на поцрнатите фрески.

Како најпогоден метод, во 1950 година, беше прифатен начинот што го предложи конзерваторот Здравко Блажиќ. Рецептот кој му послужи за откривањето на фреските во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) го изрече „Панцелпаста“, а во нејзината смеса беа вклучени хемикалии од органско потекло: ацетон, бензол, алкохол, вазелин, парафин и друго, кои послужија како одлично и безопасно средство за чисење на Светиклиментовите фрески од крајот на 13 век.

Така, под  дебелите напластувања на чад од свеќите и кандилата во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) се појави ѕидно сликарство со кое, всушност, како што констатираа стручњаците, почнува ново поглавје на средновековната уметност во Европа, познато под називот „ренесанса на Палеолозите“. Овие фрески наедно беа и првите датирани дела на средновековните сликари Михајло и Евтихиј, по потекло до Солун, чие создавање на територијата на средновековна Македонија може да следи цели три децении. Нивни дела се и фреските во црквата „Св. Никита“ во Скопска Црна Гора (1307) и во Старо Нагоричани кај Куманово (1318).

НЕВИДЕНО ФРЕСКОСЛИКАРСТВО

Според првите реагирања се навестуваше дека навистина станува збор за сликарство кое дотогаш не беше видено на ѕидовите во македонските средновековни цркви. Така, во весникот „Културен магазин“ од 28 февруари 1951 година проф. Димче Коцо своето сознание за новооткриените охридски фрески ќе ги искаже уште на насловот на својот прилог поместен на првата страница на овој весник – „Уште во 13 век кај нас се поставува основа на нова уметност – различна од византиската“. Во текстот пак на овој свој прилог проф. Коцо ќе навести дека корените на оваа нова уметност ги наоѓаме во македонскиот живопис уште во Водоча, а особено во Нерези кај Скопје. Оваа нова уметност, според проф. Коцо, има некои заеднички елементи со италијанската уметност во истиот период (крајот на 13 век), но земена како целина таа претставува нова фаза во развитокот на македонската уметност и е поврзана со византиската уметност, од која и произлегува.

На страниците на списанието „Илустрирана Нова Македонија“ од март 1951 година, чиј главен и одговорен уредник беше писателот Јован Бошковски, со свој прилог се јави конзрваторот Здравко Блажиќ, кој на јавноста и ги соопшти резултатите на ова несекојдневно откритие, откритие кое инаку конзерваторот здравко Блажиќ ќе го нареди меѓу најистакнатите и најзначителни изтражувачи на средновековната уметност во Македонија. Блажиќ како извонреден познавач на сликарските техники прв ќе се обиде да ги оддели фреските што ги работел средновековниот уметник Михаило од оние што ги сликал неговиот придружник сографот Евтихиј. Така, во својот осврт, тој ќе укаже дека Михаило лицата ги сликал со ладни, а Евтихиј со топли тонови, што се разбира, подоцна ќе стане појдовна основа за натамошните истражувања на ова ѕидно сликарство.

Прочуениот италијански конзерватор Чезере Бранди, кој во Охрид допатува како стручњак на УНЕСКО за да учествува во работата на меѓународната комисија која требаше да го предложи елаборатот за конзерваторски зафати за заштита на црквата Св. Софија, никако неможеше да поверува дека новооткриените фрески во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) од 1295 година се помлади од 15 век, односно дека тие не биле создадени едновремено кога и назначајните дела на италијанската ренесанса. Токму ваквото реагирање на Чезаре Бранди многу зборува и за уметничката вредност на сликарството од крајот на 13 век во охридсктата црква Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент).

ДЕКОРИРАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРАМОВИ

Живописот на оваа црква, како еден од најзначајните споменици на своето време, по 1950 година добиваше се поистакната место во публикациите што имаа карактер на синтези или, пак, општи прегледи на византиската уметност и уметноста на словенскиот свет.

Во својата книга „Студии за охридскиот живопис“, проф, Цветан Грозданов дава најкомпетентен и најисцрпен преглед за истражувањата на ѕидното сликарство во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) од неговото откривање до сега, односно во изминатите шест децении. Проучувањата на уметноста на Палеолозите добија силен поттик со фактот што на ЏИ Меѓународен конгрес на византолозите во Минхен во 1958 година се најдоа во средиштето на интересирањето, особено со основниот реферат на оваа тема што го поднесе познатиот историчар Ото Демус. Истовремено, пак, подготовките на следниот ЏИИ Конгрес на византолозите во септември во 1961 годинаво Охрид и неговото одржување го наметнаа објавувањето на публикации за охридските средновековни споменици по нивното чистење и конзервирање. Поточно, во овој период беа објавени повеќе студии и прилози во кои се проучуваат или допираат прашањата поврзани со ѕидното сликарство на Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид.

Имено, од Јустинијановите времиња византиската уметност не триумфираше така во внатрешноста на Балканот како кон крајот на 13 век и во првите децении на 14 век – ќе констатира историчарот на уметноста проф. Светозар Радојчиќ. Овој последен бран на византиската уметност допре значително подалеку од териториите на средновековна Македонија – до Венеција, до Влашко, денес Романија и до Новгород. За разлика од поранешните стилови на византиското сликарство, кои скоро беа пресадени во ѕидната декорација на македонските споменици, нивниот стил на палеолозите беше пренесуван, може да се каже во моментот на неговото настанување во сликарството на спомениците на територијата на средновековна Маедонија, така што историјата на овој стил може да следи низ делата на зографите Михаило и Евтихиј.

ВРСКА СО РАНАТА РЕНЕСАНСА ВО ИТАЛИЈА

За охридското сликарство од крајот на 13 век, поточно за сликарството од овој период во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) е карактеристично тоа што и преку изборот на одредени цитати сосема одредено можел да се опише карактерот на времето во кој била изградена една црква. Така во тогашната охридска црква, Св. Богородица Перивлепта (Преславна) поранешна Св. Климент, околу огромниот лик на Христос Пантократор во кубето е исчистен еден натписот од 1295 година во кои сликарите Михаило и Евтихиј ги испишале стиховите од 80-от псалм, во кој покрај другото се вели: „Господе над војските, обрати се, погледај од небото и види, и обиколи го ова лозје. Овој засадник кој го засадила твојата десна рака…“. Всушност, по толкувањето на д-р Светозар Радојчиќ, кон крајот на 13 век, не случано сликарите Михаило и Евтихиј ги земаат овие стихови од споменатиот псалм за да се каже дека Охрид е лозје и градина посадена со божја рака.

Токму, во ова лозје и градина посадена со божја рака, авторите на фреските даваат и сосема нови, оригинални решенија во сликањето на ликовите и композициите. Затоа фреските во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент), пред се ги карактеризира стремежот на уметниците за индивидуализирање на прикажаните ликови и понагласено напуштање на постојните иконографски шаблони. Се добива впечаток дека на сликарите за ликовите на светителите, прикажани без траги на мачеништво и испосништво и изведени мошне реалистично со редица карактеристични детали, им позирале нивните современици, Ако, пак, се прават некакви споредувања, оправдано се помислува на врската на фреските во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) и сликарството на раната ренесанса во Италија. На вакви паралели посебно упатуваат редица специфични детали во композицијата „Оплакувањето на Христос“, во втората зона на северниот ѕид. Силниот драматизам на оваа композиција, пред се, е изразен низ гестовите и решенијата – посебно преку прикажувањето на Богородица  со расплетени коси – и воопшто преку решенијата кои имаат многу заедничко со сликарството на Ѓото, инаку современик на Михаило и Евтихиј. До овие новини и идентични решенија, сликарите на охридски Св. Климент и италијанскиот уметник Ѓото доаѓаат независно едни од други. А заедничка инспирација им била антчката уметност, поточно маските кои ги носеле артистите во текот на изведувањето на трагедиите во античкиете театри.

Триумфот пак што го бележи средновековното сликарство преку охридските фрески од 13 век во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент), фрески кои означуваат почеток на уметничкиот стремеж ренесансата на Паелолозите, чии автори се сликарите Михаило и Евтихија се ширеше токму преку Охрид и Македонија во соседна Србија и соседните земји.
И денес фреските  на црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) и теметски и ликовно како инспирација им служат на бројните фрескосликари кои изведуваат ѕидни декорации од брегот на Охридското Езеро  (фреските во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент)) па се до декорирањето на внатрешноста на православните храмови во далечен Сиднеј и Лембури, како и во градовите на Северна Америка, поточно во САД и Канада, каде ѕидаат нови храмови иселениците од нашите краишта.
 
(Авторот е новинар на „Нова Македонија“ во пензија)