Откако синоќа претседателот Александар Вучиќ соопшти дека против лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ е пристагнато ново обвинение од Хаг, се огласи Шешељ, кој изјави дека се уште не го добил новото хашко обвинение за непочитување на судот, но дека е подготвен да одговори на повикот доколку Механизмот за меѓународни кривични судови биде преместен во побезбедна земја, како што е Авганистан, јави дописникот на МИА од Белград.
Бидејќи Велика Британија наскоро ќе потоне во морето, а огромен северноморски бран ќе ја зафати цела Холандија, јас во тој момент нема да бидам во Шевенинген, изјави Шешељ за Срна.
Тој кажа дека најбезбедно ќе се чувствува во Авганистан и предложи Механизмот од Хаг да се пресели во таа земја.
Тој потсети дека и претходно бил обвинет за непочитување на судот, односно за печатење на негови книги во кои, како што кажа, објавувал информации за лажни сведоци, доверливи документи и разни фалсификати.
Тој додаде дека веќе трипати бил казнуван во Трибуналот за непочитување на судот, а сега ќе му се суди по четврти пат.
Шешељ со правосилната пресуда на Хашкиот трибунал од 2018 година беше осуден на десет години затвор за поттикнување на прогон, депортација и принудно раселување и преселување на Хрватите во војводинското село Хртковци во 1992 година.
Казната ја отслужи додека беше во притвор од 2003 до 2014 година.
OhridNews