Хашкиот трибунал го прогласи лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ за виновен за непочитување на судот и го осуди на две години затвор.

Третата постапка против Шешељ за непочитување на судот е покрената поради неговото одбивање од својата интернет страница  да ги тргне четирите книги чиј автор е тој, и шесте доверливи поднесоци во кои се обелоденети доверливи информации за заштитените сведоци.

На повикот на судијата да стане за да му биде изречена казната, Шешељ одбил и му рекол на судијата: „Вам да ви станувам, па вие не сте нормални, вие сте белосветски олош, како вам јас можам да ви станувам. Јас сум четнички војвода“.

На првото судење за непочитување на судот, Шешељ е правосилно осуден на 15 месеци затвор, а на другото на 18 месеци, и таа пресуда е во жалбена постапка.

За непочитување на судот, предвидена е максимална казна до седум години затвор или парична до 100.000 евра или едната и другата.

Судењето за главното обвинение, кое Шешељ го товари за злосторства над несрбите во Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина заврши во март, а донесувањето на пресудата се очекува во март идната година. Обвинителството во тој предмет побара затворска казна од 28 години.

OhridNews
извор:Makfaks