„Кон косовското прашање кое е тесно поврзано со  регионалната стабилност треба да пристапиме внимателно и себично. Треба да ги чуваме македонските интереси, да ги задржиме доброседските односи и да водиме сметка за нашиот државен интерес, Македонија да биде сигурна, стабилна и да ги има  своите гранници кои што се потврдени со меѓународни договори“. Ова во Охрид го истакна лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, на трибината што  се одржа во Центарот за култура. Според неа потребно е за косовското прашање да има консензус во државата и да има разговори . „На само 6 недели пред најважниот настан за Македонија, поканата во НАТО, власта игра детски игри, а коалиционите партнери меѓусебно се надмудруваат и си покажуваат кој е посилен“, рече Шеќеринска. За неа е недозволиво сега да се откажуваат лидерсаките средби кои биле закажани две-три недели порано, поради како што рече „ тоа што Тачи сега ја испорачал својата сметка пред Груевски“. Треба  да знаеме кој е премиер и кој ја диктира агендата за НАТО и ЕУ во оваа држава, додаде Шеќеринска.

На прашањето дали врз Македонија пред самитот во Букурешт се врши притисок за промена на името, Шеќеринска со став дека нема избор помеѓу НАТО и името. „Македонија имаше и има сила и да добие  покана за НАТО и да го зачува своето уставно име, ама за жал владата на Груевски повеќе време троши на коалиционите кавги отколку да ги реши овие проблеми“, рече Шеќеринска. Според неа сегашната дипломатска активност требало да се случи порано, а не како што рече да се потценува проблемот со Грција и да повлекуваат потези кои и штетат на меѓународната позиција на земјата. Сепак таа изрази оптимизам дека Македонија во Букурешт ќе добие покана за НАТО, бидејќи како што рече меѓународната заедница не може да ризикува уште една криза на Балканост.

Презентирањето на тајно снимениот материјал од полициското испрашување на приведен учесник во вооружената пресметка во Бродец, според лидерот на СДСМ е доказ за непрофесионализам во редовите на МВР. „Ниту еден  професионалец по акцијата во Бродец не би снимал со телефон испрашување на еден од вклучените во настанот и не би дозволил таа снимка да излезе во јавност“ рече Шеќеринска. Според неа МВР се претворило во продолжена рака на ВМРО ДПМНЕ и како што рече, „повеќе тераат партиски интереси отколку вистинска борба против криминалот и корупцијата“. Ваквиот скандал во било која држава би повлекол итни оставки, само во Македонија ова се смета како нормална грешка на еден „вмровски“ министер, додаде Шеќеринска.


од трибината на СДСМ

На трибината во преполнетиот Центар за култура, лидерот на СДСМ говореше за предлог Законот за утврдување најниска плата во државата. „Законот за најниска плата е стандард во дваесетина европски држави. Македонија е социјална држава и мора да го регулира ова прашање“, рече Шеќеринска. Таа најави дека СДСМ ќе лобира и во Собранието и надвор од него да се усвои предложениот закон за утврдување на најниска плата, со што според неа на илјадници семејства ќе им се овозможи барем малку подобар живот. „Шестотини илјади граѓани живеат на раб на егзистенција и тоа не може да се остави на страна поради што сметаме дека 8100 денари се минимумот за кој што еден работник би требало да работи во текот на месецот“, рече Шеќеринска. Според неа ваквите трибини не значат подготовка за предвремени избори туку се дел од редовната партиска активност која таа ја практикува повеќе месеци. Целта е да се среќаваме со граѓаните бидејќи рековме дека партијата ќе се менува, ќе биде поблиску до граѓаните и ќе ги слушаме  нивните коментари, додаде Шеќеринска.

Горан Момироски
фото: Васко Бујароски