Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија -СДСМ, Радмила Шеќеринска смета дека Охрид е успешна општина во која вистински се решаваат проблемите на граѓаните и дека градот според покажаните резултати заслужил да влезе во втората фаза од фискалната децентрализација.
Шеќеринска за време на работната посета на Охрид денеска се сретна со градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески и со претставници на локалната самоуправа. Таа посети и неколку населби каде се реализирани општински проекти. Во населбата „Радојца Новиќиќ, Шеќеринска даде изјава за медиумите во која ја најави новата партиска политика.
„Во новата политика на СДСМ централно место ќе биде посветено на граѓаните и поради тоа очекуваме од нашите градоначалници главниот акцент да го стават на решавањето на проблемите на граѓаните“, рече Шеќеринска. Затоа ќе бараме владата да го спречи најавениот бран поскапувања на главните животни намирници, и да го реши проблемот до граѓаните кои за само ден или два не може да го остварат правото на пензија, додаде Шеќеринска.
лидерот на СДСМ Шекеринска и градоначалникот Петрески
Во разговорот со новинарите лидерот на СДСМ се осврна и на шестгодишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. „Охридскиот договор и неговото навремено имплементирање беа едни од главните политики со кои што Македонија стана стабилна држава, го поврати мирот и стабилностаи успеа да стане кандидат за влез во ЕУ“, рече Шеќеринска.
За жал, рече таа, сега се погласни стануваат кавгите дали Охридскиот договор е целосно реализиран или не и како да го завршиме тоа поглавје од македонската историја. Заради лошите состојби во Собранието сеуште нема официјален став како ќе го третираме овој ден, смета Шеќеринска, според која државата треба да каже што се случи на 13 август и како тоа влијаеше на Р. Македонија.
Охридскиот договор не е идеален документ, има добри и слаби страни, меѓутоа заради нерасчистени односи во владеачката коалиција и состојбите во Собранието, се уште нема програма за одбележување на овој ден, туку се’ се сведува на партиска прослава“, смета Шекеринска.
Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ подготвува дестабилизација, Шекеринска рече дека секогаш кога Владата прави грешки за тоа ја обвинува опозицијата. Таа ја обвини ВМРО дека ја радикализира состојбата, посочувајќи го примерот, со како што рече, „наводното ракетирање на владината зграда“.
Г. Момироски