Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за негова идна заменичка.

Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога, изјави Руте.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче упати честитка до Шекеринска посочувајќи дека таа е вистинскиот избор за втор човек на НАТО – најмоќниот воено политички сојуз во светот.

Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност, силно верувам дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат. Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност. Назначувањето на Шекеринска е уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, кои со посветена работа успеаја да ја внесат Северна Македонија во НАТО. Со тоа, не само што ја обезбедивме сигурноста на нашата земја, туку го зацврстивме нашиот идентитет како стабилен и доверлив партнер на меѓународната заедница, вели Филипче.

Инаку, Шекеринска претходно беше вицепремиерка за европски интеграции, а министерка за одбрана кога земјата влезе во НАТО во 2020. Таа ќе ја преземе функцијата подоцна годинава.

Н.С.Ј.