Пратениците презедоа одговорност и испишаа нова шанса во историјата на Македонија, сакам да им честитам на сите за заедничкиот напредок и за тоа што најпосле земјата се извлекува од калта, изјави денес на прес конференција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа додаде дека Македонија покажала дека е подготвена да стане членка на НАТО и за преговори со ЕУ, како и дека со оваа одлука, земјата станува фактор на стабилност во регионот, што ќе придонесе за поголеми странски инвестиции, нови работни места, подобар стандард.
Во однос на гласањето и шпекулациите околу излегувањето од притвор на пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои гласаа ЗА, Шекеринска со порака да не се гледа политика во тоа.
- Решивме да не се мешаме во работите на судството. Процесот на замена на притворите и куќните притвори траеше подолго време. Вие бевте свесни за тоа како новинари и ние како граѓани. Едното со другото не беа поврзани. Судиите и обвинителствата се вистинската адреса да се поставуваат прашања и да се добијат конкретни одговори. Во ниеден момент за ниту една политичка причина ние не сакавме да користиме инструменти на притисок ниту во Обвинителството ниту во судството, рече Шекеринска.
По однос на условите кои ги поставија неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за иницијативата, а кои предвидуваат амандмани со кои се гарантира заштитата на македонскиот идентитет, како и собраниско тело кое ќе расправа за ветувањето на Заев кој понуди простување за 27 април, Шекеринска нагласи дека амандманите нема да се пишуваат зад затворени врати и дека ќе се работи заедно со претставници на Собранието.
- Ќе се трудиме да го јакнеме консензусот. Договорот во Преспа носи силни гаранции за македонскиот идентитет кои свесни сме дека можат да бидат рефлектирани во уставните промени. Позитивно реагираме на тоа што повикот на премиерот беше сфатен како сериозен и добронамерен политички гест. Драго ни е што овие пратеници се повикуваат на таа изјава на премиерот и се подготвени во Собранието да ги почнеме разговорите за кавгите да бидат дел од нашето минато, а не да ни ја диктираат иднината, рече министерката.