Земјите од Јадранската група нема да влезат во пакет во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијанста Јаап де Хоп Шефер на првата панел дискусија на Безбедносниот форум на НАТО што се одржува во Охрид.
Одговарајќи на прачање на Соломон Паси, Шефер рече дека и во случајот со земјите од Јадранската група ќе важи истиот принцип, а тоа значи дека секоја земја поединечно ќе биде проверувана, а одлуката ќе биде според заслуженото.
„Нема да има пакет и не значи дека ако една земја земја ги исполни условите и се квалификува, дека сите ќе добијат покана за членство во НАТО“, додаде Шефер.
Според него тоа е најдобар начин да се поттикнат земјите членки од Јадранската група да ги спроведат и имплементираат неопходните реформи.
Премиерот Никола Груевски во потполност се согласи со излагањето на Шефер, и рече дека Македонија е целосно свесна за тоа. „ Работиме успешно да истрчаме на целта и Македонија ќе биде подготвена до самитот во Букурешт да ги достигне неопходните стандарди и да добие покана за членство во алијансата“, рече Груевски.
Работниот дел на форумот ќе продолжи во три панел групи на кои ќе се дискутира за Косово, Авганистан и енергетиката.
Г.М.