Шеесетина нуркачи денес присуствуваа на отворањето на првиот Конгрес на нуркачи во државава што се одржува во Охрид во организација на Kлубот за подводни дејности „Охрид“. Д-р Горан Балески, во име на организаторите, потенцираше дека ова е одличен начин на едно место да се разгледаат и согледаат проблемите и убавите страни на нуркачите и нуркањето.
Ова е прв обид да се направи Конгрес да се соберат сите нуркачи од цела Македонија на едно место. Како главен виновник е Клубот за подводни дејности „Охрид“ кој со скромни средства и огромно залагање на сите членови се обидовме и еве самото присуство на голем број нуркачи покажува дека успеавме да го организираме Конгресот. Ќе пробаме да ги кажаме добрите и лошите страни во нуркањето, организациски проблеми, болести и се тоа што ги засега нуркачите и нуркачките асоцијации, истакна Балески на отворањето.
Пред присутните се обрати и градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека огромно е задоволство што Охрид е домаќин на овој настан на кој нуркачи од Македонија и соседството ќе разменуваат искуства, проблеми и трикови за нуркањето и подводните дејности.
Сите вие присутни сте „златни алки на туристичкиот синџир“ кој се трудиме да го зацврстиме на светската туристичка мапа. Чисто езеро драги мои не би имале без вашите бројни акции за чистење на езерското дно. Вие неуморно го промовирате градов како атрактивен туристички центар во зима со китење на подводната новогодишна елка, а сте дел и од организацијата на богојавленската манифестација за што искрено ви сум благодарен. Вие сте тие кои учествувате и несебично се вложувате во секоја акција за спасување животи независно дали е кај нас во друг град или во соседството. Она што го правите е значајно и вредно за сите нас. Ви посакувам да донесете заеднички ставови и заклучоци кои ќе ви го олеснат понатамошното подводно истражување, истакна Пецаков.
Претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка истакна дека Конгресот ќе им помогне да разменат одредени искуства, а на помладите да им се каже и за историјата и постоењето на нуркањето.
Ова е убав момент да им покажеме на нуркачите и на глас да кажеме дали има потреба од Сојуз, да дознаеме какво е нивното очекување, што Сојузот треба да направи за нив и дали воопшто треба да постои таков тип на Сојуз. Навраќајќи се нананзад на почетоците на нуркањето вредно е да се напомене дека низ историјата постоеше една желба и иницијативи за такво нешто бидејќи ги пресликувавме сите убави моменти од поранешните југословенски простори каде што тоа беше возможно. Беше многу тешко, дури и невозможно да се дојде до опрема, но некако мораше да стигне тоа до кај нас. Првиот клуб кај нас е оформен во 1964-66, „Корали“ од Скопје, како клуб да обедини одреден клуб нуркачи, рече Бешка.
Во периодот од 1986 година, истакнува Бешка, се создававале некакви иницијативни одбори, а се поставени и основни услови за формирање Сојуз кој обединува одредени клубови, а ги поставува и заедничките активности на ниво на Македонија.
Во 1994 година се поставија темелите овде во Охрид на една сериозна нуркачка институција Нуркачкиот центар „Амфора“. Подоцна секако и целиот напредок на технолошкиот процес, имаше полесен пристап до нуркачка опрема за одредена категорија на луѓе, но основното нешто е сепак едукацијата која Милутин Секулоски како прв инструктор ја поставува на овие простори и почнува да прави би рекол една група на млади луѓе кои се израснати во големи професионалци, потенцираше Бешка.
Во текот на утрешниот ден во рамки на Конгресот предвидено е нуркање и еколошка акција за чистење на градското пристаниште во Охрид.
Н.С.Ј.