Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга, вчера извршила службен разговор со 62-годишно лице од селото Ливада, струшко.
Тој се сомничи дека во периодот од 06.45 до 07.15 часот на улица „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него, одземена е ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Неколку здруженија за заштита животни, во меѓувреме, испратија отворено писмо до МВР во кое бараат решавање на случајот и казна за сторителот.
Во Струга пред два дена беа убиени десеттина кучиња, кои потоа јавното комунално претпријатие ги отстрани од крвавите улици.
Проблемот со бездомните кучиња во Струга, како и во регионот е сериозен. Неодамна градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, најави мерки за решавање на проблемот со хуман третман на бездомните кучиња, за што градот има предвидено средства во буџетот.
Иако постојат закони, во земјава отсуствува стратегија, но и волја кај носителите на власта, за хумано решавање на деценискиот проблем кој од година во година се зголемува.
Г.М.