Врсничкото насилство не е одговорност само на Министерството за образование и наука, туку сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава, изјави министерот Јетон Шаќири и апелираше до сите институции да се посветат на овој проблем согласно нивните надлежности и до родителите да соработуваат за да има што помалку случаи на булинг.

Откако го отворивме мејлот, многу случаи од таква проблематика се решени со добра комуникација помеѓу родителите, директорите, претставниците на институциите. Во одредени ситуации не е одговорност само на Министерството за образование и наука, без разлика на моментите кога се случува, туку сите институции треба да се вклучиме во оваа проблематика, изјави Шаќири откако денеска заедно со техничкиот премиер Талат Џафери го посети новоизградениот Студентски дом во Тетово.

Порача Бирото за образование и наука да продолжи со обуки на наставниците на таа тема, општините, како што рече, да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата, а стручните служби во училиштата повнимателно и попосветено да работат на оваа проблематика.

Но, јас ги повикувам и родителите на добра соработка за да имаме што помалку такви случаи. Затоа што сите се во контакт со учениците, почнувајќи од училиштата, но исто така и родителите. Секогаш да пријавуваат тоа што треба да се пријави во училиште, а исто така и во другите институции, додаде министерот за образование и наука.

Министерството минатата учебна година отвори службена е-адреса за пријавување врсничко насилство: [email protected] и [email protected] на албански јазик.

Како што МОН соопшти тогаш, со отворањето на електронската адреса, се воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти.

МОН тогаш нагласи дека ваквиот начин на комуникација е „дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања“ и дека „секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“.

OhridNews