Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел побара од ЕК најитно да даде конкретни предлози за цените на енергијата, а најдоцна до 9 септември, кога се одржува сесија на министрите за енергија на ЕУ, изјави тој за белгиските медиуми.

Неговите изјави се еден вид реакција на интерниот нон-пејпер на ЕК објавен од неколку медиуми. Во нон пејперот се предлагаат мерки за справување со зголемените цени на електричната енергија во ЕУ што треба да се состојат од пакет од три „меѓусебно поврзани“ компоненти: координирано намалување на побарувачката на електрична енергија ; ограничување на цените за технологиите за производство на електрична енергија; и национални мерки за поддршка на потрошувачите.

За првата мерка ЕК предвидува воведување препорака или обврска со која земјите-членки треба да постигнат намалување на вкупната побарувачка на електрична енергија. За да се постигнат овие цели, земјите-членки би можеле да воведат тендерски системи со кои одредени категории на потрошувачи како индустриските потрошувачи, би понудиле намалување на потрошувачката на електрична енергија во замена за одредена сума на компензација. За домаќинствата, намалувањето на побарувачката би можело да се поттикне со наградување на потрошувачите кои ја намалуваат нивната потрошувачка.

Втората мерка во предложениот пакет на ЕК е да се постави плафон во однос на цената на електричната енергија што им се наплаќа на производителите на главно обновливи извори, нуклеарни извори и енергија од лигнит. ЕК, исто така, предлага да обезбеди поголема правна сигурност за земјите-членки за заштита на одредени видови потрошувачи од влијанието на високите цени на електричната енергија преку регулирана тарифа.

Мишел не е задоволен од предлозите на овој неофицијален документ и од намерата на ЕК мерките да бидат објавени дури на 14 септември кога претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен треба да го одржи својот редовен годишен говор за состојбата на ЕУ. За Мишел тоа е предоцна со оглед на нервозата на земјите членки поради високите цени на енергијата. Според него, повеќе не смее да се губи време а оваа ситуација не е нова и датира од пред почетокот на војната во Украина.

Мишел не сакаше да го коментира интерниот нон-пејпер на ЕК објавен од неколку медиуми на 1 септември, но неговите критики до ЕК не се дипломатски, ниту дискретни.

ЕК треба да излезе со конкретни и транспарентни предлози во согласност со демократската транспарентност што ЕУ треба да ја застапува и практикува и да престане да губи време.

Уште во март, мај и јуни ЕУ усвои заклучоци со кои ЕК е поканета да даде предлози. Во јули ЕК даде препораки за намалување на употребата на гас за 15 отсто, но Мишел смета дека треба да се оди подалеку и ЕК треба да предложи како да се намали потрошувачката на електрична енергија. ЕК побара 80 отсто од капацитетите на складирање на гасот да бидат подготвени за зимата што доаѓа и, на иницијатива на ЕК, беше одлучена ЕУ платформа за групно купување енергија. Предлогот за платформа е добар за Мишел но сосема недоволен со оглед на тоа што земјите членки влегуваат во билатерални преговори со производителите на енергенси а тоа ја зголемува цената на енергијата. Целта на предложената платформа на ЕК е токму спротивна – намалување на цената, што е парадокс.

Конечно, Мишел смета дека мора да се најде начин да стопира букнување на цените на енергијата и тоа веднаш. Тој потсетува дека земјите членки одамна побарале од ЕК предлози за ограничување на енормниот пораст на цените преку реформа на пазарот на енергија.

За Мишел, неговите зборови упатени до ЕК не се критика туку апел на земјите членки кои не успеваат да ги „смират„ цените на енергијата ниту пак да ги ограничат големите профити на некои фирми додека цените на гасот се зголемени за десет до дванаесет пати.

Мишел потсетува дека граѓаните страдаат, компаниите страдаат, државите страдаат и некои компании кои произведуваат енергија прават супер профити и тешко му е да сфати дека од ЕК се уште нема конкретни предлози. Тој исто така признава дека неговото незадоволство е инспирирано и од стравот од социјални тензии и мора да се стори се за да се сочува кохезијата на општеството. Споредено со остатокот на светот, цените на енергијата во Европа се највисоки и тоа ја поттикнува инфлацијата и сиромаштијата, го намалува растот, ги загрозува работните места и е исто така закана за демократијата.

Мишел вели дека автократиите, Русија на прво место, сакаат да покажат дека демократскиот модел не е добар и една од нивните цели се големи социјални тензии за поттикнување на екстремизмот.

OhridNews