На првото судско рочиште за глисерската несреќа, обвинетиот Христијан Шапкар (31), одлучи да се брани со молчење. Оваа несреќа, која се случи минатото лето во Охридското Езеро, беше кобна за скопјанката Ирина Романова-Муцунска (39), која загина на лице место.
–Обвинението го добив и прочитав, но не ми е јасно во целост. Ќе го искористам правото да се бранам со молчење. Нема да одговарам на прашањата, но доколку во текот на постапката се појави потреба ќе зборувам во својата одбрана.-рече Христијан Шапкар на прашањето на судијата Милчо Клишески, дали му е јасно обвинението за кое се товари.
Христијан Шапкар вешто ги избегна медиумите
Во почетокот на судскиот распит, сопругот на загинатата, Златко Муцунски рече дека нема што да додаде на Исказот кој го дал пред Истражниот судија и дека целосно стои зад сите изнесени детали и сведоштва за глисерската несреќа која што се случи на 22 август 2009 година.
–Навистина ми е многу жал што во текот на изминатите 10 месеци немаше ниту еден обид од страна на обвинетиот да испрати телеграма или да се обиде да стапи во контакт со мене и моето семејство, или барем да праша како се моите деца. Треба да напоменам дека едното од нив беше присутно на местото на несреќата. Во мое име и во името на моите две малолетни деца барам надоместок за претрпена нематеријална штета чиј износ дополнително ќе биде утврден.-рече Муцунски.
Златко Муцунски и неговата адвокатка
Тој многу јасно и прецизно одговори на сите прашања кои му беа поставени во текот на распитот и изнесе неколку детали за несреќата и објасни зошто неговата сопруга се возела сама во глисерот.
–Кога тргнавме од Радожда скутерот беше врзан за глисерот, но во близина на манастирот Св. Јован Канео застанавме и јас и синот се префрливме на скутерот, а сопругата остана во глисерот и се раздвоивме. Тоа го направивме со цел да стигнеме пред неа во Каналот Студенчишта и да и помогнеме да се паркира. Бидејќи скутерот има два ретровизори гледав како мојата сопруга вози зад мене, ги гледав запалените светла на глисерот. Меѓутоа, на самиот влез од каналот кога погледнав во ретровизорот повеќе не можев да ги забележам светлата и се вратив назад да проверам што се случило– сведочеше Муцунски.
Во судницата не беше дозволено снимање и фотографирање
Тој објасни дека нивниот глисер марка “Регал” бил целосно исправен и ги поседувал сите уреди за осветлување, така што можел да плови и ноќе.
–Пред да тргнеме од Радожда истиот ден кога се случи несреќата монтирав и едно дополнително бело светло на копје кое е задолжително за ноќна пловидба. Но, и да не го монтирав тоа светло глисерот ќе беше доволно осветлен затоа што поседуваше и црвени и зелени трепкачи– рече Муцунски.
Второто рочиште против Христијан Шапкар, кој се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе се одржи на 7 септември 2010 година. На рочиштето треба да сведочат и четворицата пријавени сведоци Ивана Шапкар, сопруга на Христијан, Ангела Белеска и Алан Кау, кои се возеле на глисерот со Шапкар и охриѓанецот Тодор Ролев.