Амбициозно во новата сезона влегува Охридскиот АМАК СП. Тимот кој минатата сезона заврши на третото место во најсилното домашно првенство оваа година очекува да направи чекор погоре. Покрај желбите да се нападне еден од трофеите оваа година клубот на Охрид ќе му понуди и европска кошарка. За почеток на овај амбициозен старт најмен е “ловецот на титули“ Марјан Лазовски.

–    Со ангажманот на Лазоски доведовме еден искусен стручњак на клупата кој има играно неколку финалиња, а го има освоено и националниот куп со тимот на Вардар О. И тој како и ние е “жеден“ за освојување на трофеи –  го започнува разговорот Кристијан Шапкар потпреседателот на КК АМАК СП.

Апетитите на АМАК СП од година во година раснат. Во првата сезона цел беше Супер лигата, минатата сезона плеј-офот, а оваа година цел на охридскиот лигаш ќе биде една од титулите во домашното првентово. Покрај настапите во мак- баскетот, оваа сезона АМАК СП ќе игра и во Фиба Евро купот.

–    Нашата желба беше да играме во Европа. Откако се пополнаа местата во БИБЛ лигата, се одлучивме да аплицираме за учество во Фиба Евро купот. Ние сме тим кој сака предизвици, таквиот предизвик го прифати и новиот тренер Лазовски. Овде во Охрид имаме одлични услови, почнувајќи од салата , аеродромот, хотелите па си рековме зошто да не.

Во наредната сезона клубот ќе започне со работа со младите категории.

–    Младинската школа веќе е отворена и во неа ќе може да партиципираат сте млади кои ја сакаат кошарката. Во школата ќе работат минатогодишните асистенти Марјан Бошале и Горан Цветковиќ. Заинтересираните ќе може да се пријават во нашиот клуб, а своја апликација ќе може да испратат и преку веб сајтот kkamak.org.mk

Одличната поддршка која ја имаше клубот мината сезона за очекување е да продолжи и оваа. Публиката редовно беше шестиот играч на екипата, а тоа не остана незабележано од страна на вториот човек во клубот кој се заблагодари на огромната поддршка која охриѓани им ја даваат на играчите и клубот.

М.Постоловски