– Истарската жупанија која е една од најуспешните во Хрватска од претпристапните фондови на ЕУ за проекти во областа на туризмот, инфраструктурата, земјоделство и рибарство успеа да добие 63 милиони евра. Ние имавме одлична соработка со Словенија и Италија, а вие мора да воспоставите соработка со Албанија, Грција и преку изработка на трансгранични проекти да конкурирате за средства од ИПА фондовите, рече Хрватин.
Таа посочи дека шансата на Охрид е во соработката со албанската страна, бидејќи туристичките потенцијали на оваа област се големи.
– Треба да се направи добра анализа што ви недостига, дали е тоа инфраструктура, едукација на луѓе или да се осмисли добра туристичка понуда која ќе ги вклучи македонскиот и албанскиот дел, додаде Хрватин. Според неа евроопските фондови се шанса за подигнување на капацитетите на администрацијата и подготовка на земјата за ЕУ.
Тодор Брдарски – претставник на македонската заедница во Истарската жупанија, истакна дека преку проекти финансирани од европските фондови во Истра се отворени преку 300 вински подруми, маслинарски подруми и други содржини кои привлекуваат огромен број туристи.
-Делегација од Македонија треба да дојде кај нас и да го види сето тоа. Охрид има прекрасна природа, а тука е и Галичица, предели кои се идеални за развој на етно-туризам. Ќе се изненадите во што се уживаат странците, на пример кај нас доаѓаат многу руски туристи на кои им се нудат производи изработени во домашни услови, јаваат коњи и магариња и уживаат во вкусната храна и пијалаци. Во Македонија не гледам дека нешто се развива во тој правец, истакна Брдарски.
На презентацијата на хрватските искуства во аплицирањето пред европските фондови за жал присуствуваа многу мал број претставници на општинската администрација.