Фудбалскиот клуб Охрид Лихнидос, в недела, во 17 часот пред мечот со Кравари на домашен терен ќе биде крунисан за шампион во Третата македонска фудбалска лига и промовиран во нов член на Втората МФЛ.
„Сино белите“, без поголеми проблеми први минаа низ целта во Третата МФЛ и ја остварија задачата зацртана пред почетокот на сезоната.
- Една од главните цели секако беше да бидеме шампиони и да влеземе во Втората лига, додека другите беа клубот да биде стабилен организациски со сите потребни структури. Во Третата лига стигнавме до целта, а убеден сум дека има уште многу да кажеме во Втората МФЛ. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите кои не поддржуваа и им ветуваме дека ќе дадеме се од себе во следните предизвици. – изјави спортскиот директор, Александар Мартиноски.
Тренерот на Охрид, Марино Маркоски изјави дека клубот со играчи од нашиот град стигнал до успехот, кој треба да биде патоказ и пример за во иднина.
- Со фудбалери од Охрид успеавме да ја освоиме титулата, што дава уште поголема тежина на овој успех. И во иднина ќе тежнееме костурот на екипата да биде од наши охридските фудбалери, бидејќи само тие знаат што значи дресот на клубот. Предизвик беше да се тренираат момците, јас им честитам на успехот и им посакуваме уште многу вакви успеси во охридскиот клуб – потенцираше Маркоски.
Градот свој преставник во второлигашката конкуренција ќе добие после шест сезони. Последни учесници во Втората МФЛ беа Охрид 2004 и Охрид Лоте.
- Го вративме Охрид каде што му е местото на фудбалската мапа. Охрид не само што заслужува второлигаш, туку и мора да има поради условите кои ги има преку целата година. Екипата ни беше составена со неколку искусни играчи и фудбалери од Спортската академија кои допрва треба да бидат носители на овој клуб. Сигурен сум оваа приказна и верувам дека ќе имам успешни резултати во Втората лига. – рече капитенот Александар Бакулески.
Од клубот го повикуваат сите љубители на спортот и фудбалот да дојдат на „главниот“ терен и да ги поздрават шампионите и да посакаат среќа во новите предизвици.
Мх.П.