Охридските ракометни надежи се есенски шампиони во една од двете Младински лиги во нашата земја. „Гладијаторите“ до големиот успех стигнаа со победата во „Езерското“ дерби со Струга 25-24 (12-12), кое се одигра во СРЦ „Билјанини Извори“.

Двете екипи заслужуваат честитки и пофалби, бидејќи одиграа максимално фер и коректно и на гледачи им пружија вистински меч за уживање. Победата им припадна на домаќините поради мирниот финиш, иако имаа негатива од два голови (21-23) во 55-та минута од натпреварот.

Првото полувреме изобилуваше со пресврти и на крајот заврши со идентични бројки на семафорот. Охрид поведе на почетокот, Струга на половина од полувремето го презеде водството, но никоја екипа не се одлепи повеќе од два погодоци.

Вториот дел наликуваше на првиот. Охрид поведе на стартот и го контролираше резултатот до 40-та минута. „Црвено белите“, повторно, најдоа начин и во свои раце го презедоа кормилото на натпреварот и го контролираа до 57-та минута. „Гладијаторите“ на крилата од публиката смогнаа сили, со добра игра во одбрана и со серија од 4-1 во финишот направија пресврт и победија.

Со триумфот Охрид го задржа перфектниот скор од седум победи во седум натпревари и заслужено прв низ целта ја мина есенската полусезона.

Во листата на стрелци во тимот на Охрид се истакна Наум Костов со 6 погодоци, а Мартин Ивановски, Лазар Петровиќ и Кристијан Димитриески реализираа по пет. Даниел Андоновски и Адријан Селман постигнаа по два голови. Кај стружани на седум застана Ненад Костески, а по четири пати прецизни беа Ивица Дукоски односно Јасмин Мемед.

Мх.П.