Фудбалерите на Ливерпул со шест бодови позитива во однос на второпласираниот Тотенхем ја завршија првата полусезона во англиската Премиер лигата. Во колото познато како „Боксинг деј“, „црвените од Енфлид имаа многу причини за радост и славје.
Избраниците на Јирген Клоп пред своите гледачи рутински ја завршија работата против Њукасл победувајќи 4-0, а причина повеќе за славје добија од Лестер кој на домашен терен со 2-1 го совладаа Манчестер Сити. За „граѓаните“ ова беше втор пораз во серија, откако изгубија 3-2 од Кристал Палас на домашен терен изминатиот викенд.
За одбележување од резултати на „Боксинг деј“ е и победата на Манчестер Јунајтед (3-1) против Хадерсфилд во првиот меч на новиот менаџер Оле Гунар Солскјаер на Олд Трафорд. „Црвените ѓаволи“ под водство на Солскјаер нанижаа две победи. Во претходната рунда со 5-1 подобри беа од Кардиф.
Денешната програма од 18-та рунда ќе се комплетира со вечерниот меч помеѓу Ватфорд и Челси на „Викариџ Роуд“ стадионот со почеток во 20 часот и 30 минути.
Резултати: Фулам – Вулверхемптон 1-1, Мен Ју – Хадерсфилд 3-1, Лестер – Мен Сити 2-1, Барнли – Евертон 1-5, Кристал Палас – Кардиф 0-0, Ливерпул – Њукасл 4-0, Тотенхем – Бурнмаут 5-0, Брајтон – Арсенал 1-1, Ватфорд – Челси.
OhridNews