Освојувачката на олимписко злато и седумкратната светска шампионка, Федерика Пелегрини пронајде оригинален начин да им помогне на медицинските лица во италијанските болници во борбата со коронавирусот.
31-годишната пливачка издвои вкупно 60 вредни сувенири од својата колекција, кои, ќе ги огласи и продава. Собраните пари ќе ги донира за потребите на болниците ширум Италија. Ваквиот потег ја воодушеви италијанската јавност, бидејќи сувенирите од големите натпреварувања вредат многу повеќе од успехот и медалот.
Пелегрини, помеѓу вредните сувенири за продавање ќе ги вметне костумите за капење со кои ги освои олимпиското злато на 200 метри слободно на игрите во Пекинг 2008 година и светското злато на 400 метри слободно со нов рекорд во Рим година подоцна.
Италијанката изјави дека многу тешко ја прифатила одлуката за одложување на Олимписките игри во Токио бидејќи не знае дали ќе биде подготвена следната сезона да се прости од пливањето на најдобар начин. Без разлика на крајот на кариерата, Пелегрини ќе го добие златниот медал од италијанскиот народ.
OhridNews