Поранешниот македонски репрезентативец Артим Шаќири не е повеќе тренер на тетовска Шкендија.  Со заминувањето Шаќири ја продлабочи кризата во клубот, кој пред три сезони го покори македонскиот шампионат.

– Жал ми е што морам да донесам една ваква одлука, но јасно е дека не може да се продолжи со работа под едни вакви услови. По сите проблеми од минатата сезона сега ситуацијата воопшто не оди на подобро. На еден месец до стартот на првенството нема на повидок решение на проблемите, иако имаше ветувања дека ситуацијата ќе се подобри, па едноставно морам да заминам. Му посакувам на клубот да се извлече од оваа агонија, и сакам да искажам голема благодарност за сите кои ме поддржуваа изминатиов период – рече Шаќири.

Со стружанецот на клупата Шкендија стигна до финалето во Купот на Македонија каде претрпе пораз од градскиот ривал Тетекс по изведувањето на пеналите.

Мх.П.