Македонскиот фудбалски интернационалец Артим Шаќири сам ќе си организира простување од националниот дрес, откако не му се исполни желбата да биде дел од почетниот тим на дуелот со Шпанија во средата. Поради тоа што не сакаше да „троши“ замена за него селекторот Мирсад Јонуз не го повика во официјалниот список, а ФФМ му понуди изведување на почетниот удар. Шаќири го одби тоа и само прими плакета пред почетокот на мечот.

Левото крило во моментов не е подготвено да ги добие своите пет минути на некој нареден натпревар на репрезентацијата, но најавува дека ќе организира проштален пријателски меч на крајот од неговата играчка клупска кариера.

Јас во секој случај ќе организам проштален меч. Контактирав со португалска агенција што организира вакви натпревари, би организирал еден натпревар од кој сите средства би ги дале во хуманитарна цел – вели Шаќири.

Тој во родната Струга ги полни батериите за почетокот на новата фудбалска сезона. Сé уште како „грутка на срце“ му лежат случувањата минатата среда.

Ниту во мојот најлош сон не очекував ваков крај на мојата репрезентативна кариера. Ништо од договореното не се исполни. Мечот против европскиот првак беше одлична можност да и се стави крај на мојата репрезентативна кариера, натпревар што би претставувал врв во мојата играчка кариера – вели Артим, кој признава дека намерно го „пикирал“ мечот со Шпанија како шанса да го затвори поглавјето наречено национален тим.


Во моментот Шаќири има разговори за продолжување на кариерата, а за тоа има рок до 31 август, кога завршува преодниот рок за фудбалери во Европа. Досега популарниот Аце настапуваше во клубови од Шведска, Германија, Словенија, Турција, Бугарија, Англија, Финска, Данска, Лихтенштајн, Албанија и од Азербејџан, па можно е да го зголеми списокот со ангажман во некоја друга дестинација.

М.П.