Министерката за труд и социјална политика денеска на средба со претставници од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица порача дека инклузијата на сите деца во предучилишно образование е приоритет и цел на која интензивно се работи.

Министерката за труд и социјална политика Шахпаска оцени дека секоја градинка мора да биде отворена за сите деца, но истовремено да одговори на нивните потреби, со цел за сите деца да се овозможат еднакви услови за развој, напредок и инклузија во општеството.

Нашата законска регулатива предвидува целосна инклузија на децата во предучилишното образование, а наша задача како Министерство е да создадеме услови тоа и практично да се реализира, односно да стане системско решение. Ние на тоа интензивно работиме, преку повеќе процеси на обуки и доусовршувања на стручниот кадар во градинките. Целосното вклучување на децата со оштетен слух и говор за нас е приоритет.  Верувам дека многу скоро, преку соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви,  ќе обезбедиме и стручен кадар во градинките, кој ќе го познава и толковниот јазик и кој ќе може да работи со дечињата и ќе им помогне во нивната адаптација во групите со останатите дечиња“, најави министерката Шахпаска.

Таа нагласи дека целта е да се обезбеди згрижување на децата со оштетен слух во градинките на територијата на целата држава, но не е исклучено првично тоа да биде пилотирано во одредени општини и градинки.

Претседателот на Здружението на глуви и наглуви лица на град Скопје, Павле Стаматоски, оцени дека со децении наназад родителите на деца со оштетен слух се соочуваат со проблем за згрижување на нивните деца.  Поради тоа, тие се принудени да бараат алтернативни решенија за згрижување на нивните деца, кои понекогаш значат и нивно згрижување кај баби и дедовци, понекогаш и во други градови или на село, што практично значи и одвојување на децата од родителите на подолг период.

 

ОhridNews