Предизвиците со исхраната кај најмладата популација како глобално прашање се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата, истакна Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на одржаниот прв работен состанок со цел ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките.

Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Затоа, стекнувањето на добри навики на исхрана во градинките придонесува за здравјето на децата“, рече министерката Шахпаска.

Во насока на правилен раст и развој кај децата, министерката посочи дека е потребен мултидисциплинарен пристап, кој ќе обезбеди целосна промена на навиките. За таа цел се формираше работна група која е составена од членови на Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести, од Природно математичкиот факултет од каде и доаѓа експертот за нутриционизам.

Покрај ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките со цел обезбедување на поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките но и дома, во секојдневни и во услови на пандемија.

OhridNews