Ставено во функција шаховско катче со четири шаховски маси во ООУ „Братство Единство“ Охрид. Борис Лушески, наставник по математика во училиштето и раководител на ШК „Ласкер“ Охрид, вели дека идејата за вакво катче била од 2015 година, но замислено истото да биде на кејот. Со оглед на тешко наоѓање на соодветна локација на тој простор, идејата тапкала во место.
Годинава во февруари месец издејствуваме со поддршка од училиштето и од директорот оваа идеја да се реализира во дворот од училиштето. Масите ќе се користат на големиот одмор кога ќе се вадат и шаховските фигури. Секој може да седне кога сака да игра со сопствени фигури. Катчето е наменето за цел град, вели Лушески.
Дел од железото за изработката на масите е земен од отпадот во Охрид, долниот дел од конструкциите се изработени од ЈП „Градски Пазар“, додека за горниот дел се користеа стари маси од училиштето, а приватна фирма од Охрид помогна со донација во цртањето односно гравирањето, додава Лушески.
Инаку, во училиштето функционира шаховскиот клуб „Ласкер“ од 2011, во понеделник и четврток доаѓаат учениците да играат слободно во склоп на шаховската секција од училиштето, а учениците од другите училишта плаќаат месечна членарина.
Со ова катче дополнително ќе се овозможи сите љубители на шахот да имаат каде да поминат дел од своето време, на отворено во природа, додава Лушески.
Н.С.Ј.