Светскиот првак во шах
Вишванатан Ананд од Индија треба да дојде во Македонија во состав на германскиот клуб Баден Баден да учествува на Европскиот клупски куп, кој ќе се одржи од 3 до 11 октомври во Охрид. Ова беше најавено вчера на прес конференција на организаторот, Шаховската федерација на Македонија. Ананд е пријавен во екипата на Баден Баден, иако неговото присуство се’ уште не е сто отсто потврдено.
Алкалоид ќе биде перјаница на нашите тимови на ЕКК. Покрај Алкалоид на ова натпреварување ќе учествуваат вицешампионот Гамбит Пексим од Скопје и ГШК од Кочани. Од Алкалоид најавуваат атака на едно од првите пет места на табелата. Гамбит Пексим и ГШК се со помали шанси во однос на квалитетните противници, кои ќе пристигнат во Охрид.
Системот ќе биде мечеви на шест табли со вкупно седум кола, по швајцарски систем. Својот настап досега го потврдија 59 машки и 13 женски екипи од Европа, а пријавувањето се’ уште трае. Може да биде соборен и рекорд на досегашните клупски шампионати.
Минатата година Алкалоид беше 14. на овој Куп, а Гамбит Пексим 50. од вкупно 64 учесника. Титулите од лани ги бранат Урал Свердловскаја од Русија, мажи, и Серкл Дешех од Монте Карло, жени. Во Охрид наградниот фонд е 45.000 евра. Победничкиот клуб кај мажите ќе добие 11.000, а кај жените 3.750 евра.
Извор “Дневник“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com