На Европскиот клупски куп неколку шахистки се издвојуваат по знаењето на древната игра, но и по убавината, што му дава шарм и атрактивност на турнирот во Охрид. Шахистките од Источна Европа доминираат на Европскиот клупски куп во Охрид, а се издвојуваат и по убавината. Турнирот во хотелот Гранит изненадувачки е слабо посетен, нема голем интерес, иако има интересни партии и прекрасни учеснички.


Александра Костењук – Актуелната светска шампионка од Русија плени со убавината и често ја споредуваат со тенисерката Ана Курникова. За разлика од Ана која немаше забележителен успех во тенисот, 25-годишната Александра освои многу титули во шахот. Во колекцијата и’ се двете највредни круни, европската и светската. Таа се’ уште е најпривлечната шахистка за фото-објективите, а нејзините слики се меѓу најгледаните на интернет. Вели дека „шахот е забавна игра, а јас само ги спојувам убавината и умот“. Во Охрид настапува на втората табла за двократниот актуелен шампион Монте Карло.


Ана МужиЧук – Прекрасната Украинка родена во Лвов има 19 години. За неа се направи вистински преседан кога во 2004, на 14-годишна возраст стана словенска државјанка. Таа е предводник на новиот бран во женскиот шах, а во април годинава се проби до 6. место на светската ранг-листа. Моментно е осморангирана, а кај неа се’ се одвива со неверојатна брзина. „Со само 2 години знаев да ги наместам правилно сите фигури на шаховската табла, а следната година веќе играв по важечките правила во шахот“, вели Мужичук. Од 2004 е прва табла во репрезентацијата на Словенија, а овде во Охрид е главен адут на рускиот тим Економист од Саратов.


Карина ШЧепковска-Хоровска – Репрезентативката на Полска нема шаховски рејтинг како Костењук и Мужичук, но сериозно им конкурира со убавината. Хоби и’ е фотографирањето, а велат дека е вистинска мамка за фоторепортерите. Карина има 21 година, а досега одбила неколку понуди шаховските полиња да ги замени со модните писти. Некогашната светска јуниорска вицешампионка (до 16 години) на купот во Охрид игра на третата таба за Полонија од Вроцлав.


Ана Рудолф – На згодната Унгарка од Мишколц пред 2 години не и’ помогна ниту убавината да го избегне скандалот во француското место Вандевр близу Нанси. Таа беше обвинета од тројца шахисти дека мамела за време на еден од мечевите на Опен турнирот користејќи специјален кармин за усни. Обвинението беше чудно, а Олег Кривоносов, Владимир Лазарев и Илмарс Старостиц тврдеа дека Ана имала интернет-конекција во капачето од карминот, преку кое добивала инструкции. Старостиц во последното коло одби да се ракува со Рудолф, но судискиот комитет на турнирот „падна пред убавината на Ана ”и го одби барањето таа да биде исклучена од турнирот. Рудолф го освои 9. место на опенот и стаса до титулата женски велемајстор. Во Охрид игра токму за екипата на Вандевр како прва табла

Извор: “Дневник“.