Сите предизвици со СОНК досега сме ги решавале заеднички, на маса и низ конструктивен дијалог. Така ќе биде и овој пат. Наставниците се најважна алка во воспитно-образовниот процес и постојано работиме за зајакнување на таа алка, за подигнување на мотивацијата за работа, за подобри услови за работење и слично. Штрајкот никогаш не оди во прилог на образовниот процес и на учениците кои се и мора да останат наш фокус и приоритет, вели во интервју за МИА министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Јас ќе потсетам дека за три години платите на наставниците се зголемени за над 21 процент, или во апсолутен износ од 4.000 денари за наставник со 10 години стаж. Воведовме можности за кариерен напредок во звања ментор и советник, воведовме можности за професионален развој преку континуирани обуки што ги спроведува Бирото за развој на образованието. Ги подобруваме инфраструктурните услови и условите за работа внатре во училниците, вели Шаќири.

Важни измени, вели Шаќири, на Законот за наставници и стручни соработници во училиштата чекаат во Собранието постапка за дебата и усвојување и со нив значително ќе се унапреди дигнитетот на наставничката професија и ќе се врати професорското достоинство.

Со една од одредбите предвиден е раст на платите на наставниците со секој раст на минималната плата. Иако се услови на криза, здравствена, воена и економска, ние дебатираме со Синдикатот за да најдеме решение од кое ќе нема незадоволни страни. Верувам дека тоа ќе се случи скоро, по што ќе ја информираме јавноста, додава Шаќири.

Инаку, СОНК најави во понеделник генерален штрајк ако веднаш не се исполни барањето за зголемување на платите согласно со минималната плата и соодветно усогласување на колективните договори во образованието.

OhridNews