Учебната година ја почнуваме далеку поподготвени од неколкуте изминати години, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали. Ги повикувам директорите да бидат ажурни и да ги преземат од општините, рече денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
На прес-конференција на која направи осврт за работата на МОН откако тој го предводи, Шаќири рече дека интензивно се работело на новите наставни програми за прво, второ, четврто и петто одделение, за кои Бирото за развој на образованието подготвило интересни и интерактивни содржини и се изработуваат нови учебници. Тие со во различна фаза на одобрување, а за да имаат од што да учат, подготвени се бесплатни материјали за учење за првото тримесечје.
Нагласи дека МОН инвестира во подобри услови за настава и образовна инфраструктура и дека за капитални инвестиции втора година буџетот е над милијарда денари односно два и пол пати повеќе од претходните години.
Во текот на летото е завршена реконструкцијата на оние каде што активностите ги затекнал, а уште 20-ина се реконструираат во моментов – основните „Јашар Беј“ во Чаир, „Гоце Делчев“ во Струмица, „Дитурија“ во Сарај, „Страшо Пинџур“ во валандовско Јосифово, „Прпарими“ во Чегране… и средните „Таки Даскало“ во Битола, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Киро Бурназ“ во Куманово итн. Се градат неколку училишни објекти во Визбегово, Долно Јаболчиште во Чашка, во Волково и Хром во општина Ѓорче Петров.
Дел се изградени, а особено драго ми е што го завршивме новото училиште во Долно Блаце во Чучер Сандево каде што нашите ученици одеа преку границата и учеа во Косово бидејќи во своето родно место немаа училиште. Тоа повеќе нема да го гледаме. Од буџетот на МОН се обезбедени средства и за изградба на објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ и во координација со локалната самоуправа ќе го решиме овој децениски проблем. Градиме и неколку спортски сали и за уште неколку ќе почне изградбата наскоро, рече Шаќири кој ги пофали општините кои вложуваат во подобрување на образовната инфраструктура, меѓу кои ја спомна Општина Илинден која изгради ново училиште.
На прес-конференција во Владата, Шаќири посочи дека со СОНК е постигнато, како што рече, историско покачување на платите за наставниците за 15 проценти кои ќе ги добијат со септемвриската плата. Со синдикатот ќе следува дефинирање и потпишување нови колективни договори за основно и за средно образование и дијалог за политики за подобрување на квалитетот на образованието.
Истакна дека е значително зголемен бројот на образовни асистенти финансирани од буџетот на МОН кои ќе работат со ученици со атипичен развој вклучени во редовната настава – од 500 лани, оваа учебна година ќе бидат 720.
Посочи на зголемениот број на дуални паралелки за унапредување на средното стручно образование од 97 со 1400 ученици минатата година, сега се 200 паралелки со 2700 ученици, минатата година биле вклучени 250 компании, а во оваа година се над 400 компании вклучени во овој проект.
Се осврна и на науката и високото образование – буџетот за наука, рече, е 218 милиони денари само за проекти на јавните научни установи и опремување на лабораториите.
Ова во минатото не постоеше, а сега веќе е направен крупен чекор за поддршка на научно-истражувачката работа. Во високото образование е потребна поголема координација со автономните установи, тоа е мое лично видување и јас ќе направам се што е во моја моќ да се обединиме и конечно да видиме подобри резултати на светските ранг листи на универзитетите, рече Шаќири и посочи дека се работи на измени на Законот за високо образование на кои укажала академската и научната фела.
Потенцираше и дека се работи на јакнење на студентскиот стандард, се воведуваат стипендии за студенти кои се запишуваат на дефицитарни струки.
Го ревидираме Законот за студентски стандард и за субвенциониран студентски оброк за поддршката да стигне до сите кои навистина имаат потреба, додаде Шаќири.
OhridNews